Адеми го отвори меѓународниот состанок посветен на заштитата на озонската обвивка

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми го отвори годишниот состанок на Регионалната мрежа на Канцеларии за заштита на озонската обвивка на земјите од Европа и Централна Азија што од денеска до 23 мај се одржува во Охрид.

- Во контекст на последните трендови интензивно работиме на редукција на групата соединенија што ја нарушуваат озонската обвивка кај директно засегнатите чинители како што се сервисерите на разладни уреди, како и обезбедување одржливост преку обука на професорите во средните стручни училишта каде процесите на ладење се дел од наставната програма, истакна Адеми.

Марин Кочов од Канцеларијата за озон во Скопје укажа дека Македонија досега има имплементирано повеќе од 40 проекти во областа на намалување на употребата на хемикалиите што го разградуваат озонскиот слој во атмосферата. 

- Сите хемикалии на база на CFC познати кaко фреони се елиминирани пред пет години. HCFC  хемикалиите кои беа замена во тој момент за CFC хемикалиите ги елиминираме секоја година по пет проценти и имаме обврска до 2020 година да елиминираме 35 проценти. Сите проекти врзани за заштита на озонската обвивка се имплементирани,  останува само сервисирањето на разладните уреди и клима-уредите што ги имаме во секојдневна употреба. Македонија е број еден не само во регионот, туку и во светот. Ние бевме први кои добивме проекти од меѓународната заедница, не само за оваа, туку и за други области, нагласи Кочов.

Инаку, Република Македонија 16 години е членка на „Монтреалскиот протокол“, окаректеризиран како најуспешен глобален документ во областа на заштитата на животната средина, единствениот мултилатерален договор што е ратификуван од страна на повеќе од 180 држави-членки на ОН. Протоколот од Монтреал е донесен во 1987 година, со што земјите потписнички првично беа обврзани да ја намалат употребата на фреон за 50 проценти. Документот беше проширен со неколку ревизии и налага целосно исфрлање од употреба на фреоните, халоните и другите халогенирани јаглеводороди, соединенија што го разградуваат озонскиот слој во земјината атмосфера. Со најновите анекси на договорот е предвидено до 2040 година целосно да се исфрлат од употреба HCFC - хемиските супстанции (халогенизирани хидрохлорофлуоројаглеводороди).

ФОТО: Влада 

најчитано сега