Еве како државата планира да им ги отпише долговите на граѓаните

 

Со даночни кредити кон доверителите државата ќе им ги отпишува долговите на граѓаните. Премиерот Груевски вчера на митингот во Скопје детално го објасни проектот за еднократен отпис на долговите кои граѓаните ги имаат за струја, парно и како долгови кон банките за земени кредити или минусни салда. Груевски рече дека долговите ќе им бидат простени на социјално ранливите категории на граѓани и тоа на начин што државата во период од неколку години на компаниите кои дистрибуираат струја и топлниска енергија или пак на банките ќе им намали дел од обврските кои тие треба да ги плаќаат кон државата. Тоа значи дека државата на некоја од банките кај која граѓаните и се задолжиле ќе и  намали од сумата која треба да ја плати по основ на даноци или други давачки кон државата.
Како што рече премиерот, тоа ќе биде добро и за доверителите но и за граѓаните како должници, бидејќи тие не можат да си ги платат долговите, а од друга страна, фирмите на кои им се должи, ќе можат да ги наплатат своите побарувања, без да трошат дополнителни средства за извршни и судски постапки. 

Тој детално ја образложи оваа мерка која е само една од 2046 проекти од новата програма.

-Корисници на правото за отпишување на долгови ќе бидат корисници на социјална помош, лица кои над 12 месеци се невработени и активно бараат работа преку АВР, со пресек до 31.12.2013-та, двајцата сопружници да не се вработени, односно само барателот да не е вработен ако станува збор за лице што не е во брачна заедница. Кај овие лица исто така услов е по други основи да не освоиле годишен приход над 105.600 денари. Да немаат друг станбен објект за живеење, освен оној во кој живеат сами или со своето семејство. Лица кои поради семејна несреќа, смрт на еден од сопружниците или потешка болест или губење на работната способност, се доведени во состојба да не можат да ги отплатат долговите, рече Груевски.

Правото на отпис се однесува на следните долгови со пресечна состојба на 31.12.2013-та: неплатени долгови за електрична енергија кои се отужени или неплатени повеќе од 12 месеци. Долгови спрема банките по основ на кредитни картички, минусни салда по тековни сметки и потрошувачки кредити кои се достасани, а неплатени подолго од 12 месеци и банките ги имаат класифицирано во категорија Д, а не се обебзедени со движен или недвижен имот. Неплатени долгови за парно греење, долгови по основ на радиодифузна такса.

-За наведените категории на граѓани и на долгови отписот на обврските од страна на економските субјекти ќе се изврши на доброволна основа преку одобрување на даночен кредит од страна на државата во висина на отпишаните обврски. Со оваа еднократна мерка најмногу ќе им се помогне на најранливите категории кои беа и најпогодени од последиците од економската криза.  Корист од оваа мерка би имале и економските субјекти кои би ги избегнале трошоците за завршување на постапките, истакна премиерот.

Овој проект, рече, планирано е да се реализира до септември 2014-та година

06.04.2014 - 12:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега