Минатиот месец намалени трошоците за живот
Според податоците кои денеска ги објави Државниот завод за статистика, трошоците на живот во март во однос на февруари годинава се намалени за 0,3 проценти, а цените на мало за 1,2 отсто.
Намалувањето на трошоците на живот од 0,3 проценти во март во споредба со февруари е резултат на пониските цени на мастите за 5,4 проценти, други прехранбени производи за 1,1 проценти, месото за 0,9 проценти, преработките од риба за 0,8 проценти, конзервираните месни производи и свежиот зеленчук за 0,6 проценти, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,3 проценти и сувото овошје за 0,2 проценти.
Во март, намалување на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 6 проценти, авионскиот превоз на патници за 3,6 проценти, услугите за сместување за 2,7 проценти, средствата за чистење и одржување стан за 1,9 проценти, течните горива за домаќинствата и телефонските и факс апарати и услуги за 1,8 проценти, обувките за 1 процент, фармацевтските производи за 0,7 проценти и течните горива и мазива за 0,3 проценти.
Пораст на трошоците на животот во март, во споредба со претходниот месец, статистика евидентира кај свежото овошје за 3,4 проценти, преработките од зеленчук за 1,8 проценти и замрзнатиот зеленчук за 1 процент. Исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај пакет-туристичките аранжмани за 3,3 проценти, стаклените садови, кујнскиот прибор и друга опрема за домаќинствата за 1,3 проценти, други средства за рекреација, цвеќиња, миленици за 0,6 проценти, малите електрични апарати за домаќинствата за 0,5 проценти, цврстите горива за 0,3 проценти, материјалите за одржување и поправки на станот и големите електрични апарати за домаќинствата за 0,2 проценти, говорат податоците од Државниот завод за статистика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа