Напредокот на Македонија на дневен ред на Европскиот парламент

 

Европскиот парламент попладнево ќе ја разгледа Резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2012 година, која утре треба да ја усвои.

Предложениот текст од страна на известувачот, британскиот европратеник Ричард Ховит е резултат на широкиот компромис постигнат во рамките на Комисијата за надворешни работи на 8 април 2013 година. Членовите на Комисијата со 39 гласа за и 13 против од вкупно 203 предложени амандмани, усвоија 20 компромисни и 50-тина други амандмани.

Текстот за кој ќе се расправа денеска, теоретски може да претрпи измени. Европратениците имаа можност да поднесат амандмани до синоќа, но дали се поднесени засега не се знае.

Повеќе европратеници со кои контактирала МИА пред расправата, истакнале дека не треба да се очекуваат некои поголеми измени на текстот усвоен пред повеќе од еден месец од Комисијата, бидејќи тој е резултат на компромис на политичките групи на ЕП, кои водеа долги задкулисни преговори пред гласањето.

Во резолуцијата за која треба се изјасни ЕП се повикува ирското претседателство со Советот на ЕУ да спроведе интензивна дипломатија за да се постигне задоволувачки исход и одлука за почеток на преговори со Република Македонија пред крајот на јуни 2013 година, што ќе дозволи почеток на преговорите пред јули.

Европратениците веруваат дека почетокот на преговорите може да ја „промени играта“ со обезбедување позитивен импулс и ефикасен инструмент за натамошни реформи, подобрување на внатрешната ситуација, олеснување на меѓуетничкиот дијалог и промовирање поволни односи со соседите.

најчитано сега