Студенти ќе се натпреваруваат во изработка на бизнис планови
Над 150 студенти од техничките и економските факултети низ цела Македонија ќе учествуваат на натревар во изработка на бизнис планови кои содржат елементи на енергетска ефикасност. На натпреварот кој денеска започнува во рамките на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија, ќе учествуваат 40 тимови.
За нивно подобро и поуспешно учество на овој натпревар, студените добија соодветна обука која се одржа во рамки на Деновите на образованието на Скопски саем. Студентите имаа шанса да научат како практично да ја вклучат енергетската ефикасност во процесот на бизнис планирање. На учесниците на бизнис план натпреварот им беа дадени конкретни насоки и алатки за изработка на бизнис план и пресметки за енергетски заштеди.
Во организација на натпреварот беа вклучени и студентските организации АИЕСЕЦ и ИАЕСТЕ кои го мобилизираа своето членство низ цела Македонија. Промотивни презентации за учество на бизнис план натпреварот беа одржани на 7 различни факултети во Скопје, Битола, Прилеп, Штип и Тетово.
Рокот за изработка на бизнис плановите е четири недели, а најдобрите три ќе бидат наградени со 30, 18 и 9 илјади денари. Најмногу од се’ се очекува студентите да ја покажат својата иновативност и креативност. Тимовите ќе можат да ги презентираат сработените проекти на завршен настан, а најквалитетните студенти ќе добијат можност за практикантска работа во ЕВН Македонија за време на летниот период.
Целта на Платформата за енергетска ефикасност на ЕВН Македонија и Министерството за економија е подигнувањето на свеста за потребата од користење и имплементирање на енергетската ефикасност особено во компаниите.
- Користењето нови енергетски ефикасни технологии во реалниот сектор на долг рок е невозможно без вклучување на младите во овој концепт. Оттука натпреварот за студентите за изработка на најдобар бизнис план со елементи на енергетска ефикасност ќе придонесе за подигнување на свеста кај идните менаџери и инженери за значењето на овој концепт за зголемување на успешноста во работењето, сметаат од ЕВН Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа