Рудникот во Лојане ќе отвори 300 нови работни места
Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска го посети рудникот за експлоатација на минералната суровина антимон во локалитетот Лојане, општина Липково. Сарачини изјави дека се очекува рудникот да започне со работа во 2017 година, со ангажирање на најмалку 300 работници. Инвестицијата за отварање на овој рудник е 30 милиони евра, со што освен директните приливи од концесијата и новите работни места, инвестицијата ќе значи и дополнителна можност за заработка на многу локални мали и средни компании од кумановско-липковскиот регион.
- Заинтересираните инвеститори треба да ги достават своите понуди најдоцна до 14 мај 2014 година, а електронското наддавање преку системот е-концесии ќе се одржи на 19 мај, со што ќе се избере нов концесионер, кој ќе работи со рудникот, рече Сарачини.
Од економски аспект, споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот рударство и вадење камен има пораст од 6,7 отсто. Овој сектор, според Сарачини, континуирано има позитивна стапка на раст на производството што го прави еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 отсто во бруто домашниот производ е од големо значење за македонската економија.
- Што се однесува пак до општините на чија територија се врши експлоатација на минерални суровини, би сакал да потенцираам дека, општините имаат значително големи приходи по основ на уплата на концесискиот надоместок, особено кај оние, каде што има рудници за експлоатација на металични минерални суровини, истакна Сарачини.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа