Поволната бизнис клима ги привлече „Веибо груп“ да инвестираат во Македонија
Поволната бизнис клима, квалитетната работна сила и можностите за брзо производство и достава се дел од причините поради кои меѓународната мултинационална компанија „Веибо Груп“ ја избра Македонија како земја за инвестирање во конкуренција на неколку други држави. За ова денеска информираше директорот на компанијата Селчук Алперен.
- Голем дел од нашите инвестиции во Македонија ќе придонесат за зголемување на вработеноста, но и ќе се подобри состојбата на фирмите со кои ќе соработуваме. За почеток нашата инвестиција ќе биде околу 180 милиони, а ќе достигне до 400 милиони долари. Ќе се отворат околу 4.000 до 5.000 работни места и за околу пет години очекуваме извозот да достигне од 600 до 800 милиони долари, истакна Алперен.
Изградбата на објектите треба да започне во втората половина на годинава, а веќе од идната година се очекува да се реализира и првиот извоз.
Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, ефектите од инвестицијата ќе бидат повеќекратни затоа што не само што ќе се намали невработеноста во овој дел од државата, туку и согласно плановите на компанијата ќе се произведуваат и репроматеријали кои досега текстилните фабрики во државата ги набавуваа од увоз.
- Инвестиција од ваков обем има многу позитивни ефекти кои ги очекуваме. Покрај значителното намалување на невработеноста во овој дел од државата, целта ни беше да го таргетираме и проблемот на текстилната индустрија. Овој сектор со години се мачи да ја задржи конкуреnтноста пред се поради тоа што во Македонија речиси сите репроматеријали коишто се користат доаѓаат од извоз, што ги зголемува трошоците. Нашата цел беше да донесеме инвеститори кои голем дел од репроматеријалите ќе ги произведуваат во Македонија, нагласи Пешевски.
„Веибо груп“ е меѓународна мултинационална компанија која се занимава со производство на кошули, костими, палта, јакни и пантолони. Своите производи ги пласира на пазарите во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија, Италија, Шпанија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Соработува со повеќе познати светски брендови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа