Мина предлогот на клубовите, во иднина шест странци во Првата кошаркарска лига

 

Предлогот на Здружението на кошаркарските прволигаши за зголемување на бројот на странци на 6 во Првата машка кошаркарска лига доби „амин“ од мнозинството на клубови членки на Собранието на Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Откако вчера со допис клубовите членки на највисокиот орган на федерацијата, се изјаснија, денеска во просториите на МКФ, дописите беа верификувани, па така во иднина бројот на странски кошаркари во Првата машка лига ќе биде шест, без никакви ограничувања, како и никаква заштита за домашните играчи, што не е случај речиси во ниту едно домицилно првенство во развиените европски кошаркарски земји.

Во заклучок од состанокот на Верификациската комисија објавен на официјалната веб страна на федерацијата се вели: „Вкупно 27 членки на Собранието на МКФ по писмен пат се изјаснија за иницијативата за промена на Член 32.5 од Регистрацискиот правилник, од кои 20 го прифатија предлогот, 3 беа против, а 4 формулари беа неважечки. Верификациската комисија констатираше дека иницијативата е усвоена и ќе се пристапи кон менување на Членот 32.5 кој ќе гласи: Клуб во Прва Лига Мажи има право на пријавување и настап со најмногу 6 (шест) странски играчи во составот на еден натпревар. Членот 32.5.1 ќе се избрише’’.

Сега останува да се види реакцијата на домашните, македонски кошаркари, кои неодамна го формираа своето здружение, преку кое и официјално ставија до знаење на клубовите дека се против ваквото правило, со образложение дека тоа носи добро само за клубовите, но не и во целост за македонската кошарка пред се репрезентација. 

07.05.2014 - 19:03
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега