Груевски: Бројот на вработени во „Ван Хол" ќе достигне 600 лица
„Ван Хол" денеска официјално го означи почетокот на работата на вториот капацитет, на кое присуствуваше и македонскиот премиер, Никола Груевски. Тој потенцираше дека инвестицијата на „Ван Хол“ во Македонија е прва надвор од границите на Белгија.
-Оваа инвестиција е од огромно значење за Република Македонија, која инвестираше околу 25 милиони долари и вработи над 430 граѓани од Македонија. За неполна година оваа бројка ќе расте и ќе достигне до околу 600 вработени, изјави Груевски.
Премиерот потенцираше дека досега се произведени вкупно 140 автобуси во компанијата на „Ван Хол“ во Македонија, а околу 70 се во фаза на производство.
Извршниот директор и сопственик на Ван Хол, Филип Ван Хол истакна дека успеале да ја изградат фабриката за само една година.
- Успеавме да почнеме со производство и веќе испорачавме 140 возила, ангажиравме 430 вработени, потпишавме потдоговори со повеќе компании. Ова е само почеток со оглед дека во последниот квартал од годинава ќе почнеме со производство на ново возило за европскиот пазар што ќе донесе нови 140 вработувања, нагласи Филип Ван Хол.
Ван Хол почна со работа во Македонија во јули минатата година, откако во 2012 беше потпишан договор со Владата за инвестиција од 20 милиони евра во ТИРЗ Скопје 1.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа