ЕЛЕМ се откажа од продажба на вишоци на електрична енергија за да и помогне на Србија
АД „Електрани на Македонија“ ја откажа денешната јавна аукција за продажба на вишоци на електрична енергија за периодот од 20 до 24 мај поради потребата од насочување на дел од произведената енергија кон Република Србија.
- Денеска од полноќ почна најавената испорака на хавариска енергија кон електропреносниот систем на Србија со 80 мегаватачасови во банд режим што ќе помогне да се надмине недостатокот од овој енергент како последица на катастрофалните поплавите на територијата на Србија. Истовремено, електричната енергија од Македонија ќе придонесе во одржување на стабилноста и доверливоста на тамошниот електроенергетскиот систем, како и на севкупниот електроенергетски блок во регионот, велат од ЕЛЕМ.
Разгледани се можностите за испорака на дел од производството кон нашиот северен сосед, притоа целосно респектирајќи ги обврските кон тарифните потрошувачи, како и обврските кон АД МЕПСО за обезбедување системски услуги. Од утре испораката на струја во Србија ќе зависи од нивните потреби, како и од нашите можности за производство, информираат од АД ЕЛЕМ.
Како што веќе најави Дејан Бошковски, генерален директор на АД ЕЛЕМ, компанијата во следниот период ќе произведува електрична енергија за потребите на Република Србија и за нејзините граѓани, а во соработка со српските енергетски власти состојбата ќе се следи на дневно ниво.
- Им стоиме на располагање на пријателите од Србија во врска со се што ќе им биде потребно од наша страна, се разбира, во рамките на можностите. Во овој момент тие изразија потреба за електрична енергија која им е неопходна поради намаленото производство од нивните електрани. Подадената рака во основа значи техничка солидарност во согласност со протоколите за соработка и одржување на интегритетот на електроенергетските системи во регионот и намалување на можноста за нарушувањето на нивната стабилност во услови кога земјите од соседството се соочуваат со природна катастрофа. Исто така, количините ќе помогнат превентивно во намалување на ризикот од евентуален прекин на снабдувањето во делови од Србија поради недостаток на електрична енергија. На нашите колеги веќе им понудивме помош од инженери и друг стручен кадар кој би можел да им помогне во санацијата на штетите како последица од поплавите во дел од нивните термоелектрани , изјави Бошковски за МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа