Владо Камбовски: Академиите мора да се менуваат, ако не ќе завршат на буништето на историјата
На 11 мај оваа година во Софија за прв пат, Македонија и Бугарија, преку највисоките научни институции Акедмиите и во соработка со црквите, заеднички го одбележаа денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Тој настан има историско и политичко значење во односите меѓу двете држави. Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски во интервју за Прес24, тврди дека тој настан е резултат исклучиво на соработката на ниво на академии и нема никави политички влијанија.
- Таа идеја се роди случајно и не е создадена со некаков политички диктат. Сакам да кажам дека оваа средба не беше некој изолиран настан. Бидејќи ако бил некој изолиран настан таа би била некако наметната, наложена средба, која би била изнасилена средба, која има некое демонстративно значење за да покажеме дека ние од двете страни, клучните институции од највисок ранг, имаме некоја воља да соработуваме. Туку дојде како една природна последица на едно чувство дека ние навистина полека, развивајќи ја оваа научно истражувачка соработка доаѓаме до поголемо разбирање, вели академик, Камбовски, претседател на МАНУ во интервјуто за Прес24.
Соработка со БАНУ, е само дел од една нова поширока иницијатива, што академиите од регионот ја почнуваат со цел надминување на недоразбирањата. Тоа е патот и за надминување на национализмите. Камбовски вели дека академиите ќе мора да почнат еден нов процес, бидејќи е потребно надминување на досегашниот парадокс кој важеше за академиите. Највисоките наулни институции, да бидат врв на национализмите.
- Во времето на плурализмот полека тие стеги почнаа да олабавуваат од повеќе причини. Во тоа време Академиите го држеа монополот на последниот збор по однос на некои прашања, вклучувајќи го националното прашање. Меморандум на Српската Академија. Меморандум на Албанска академија. А тоа паѓаше како гром од небото на сите интелектуалци во тие земји. Сега во време на плурализмот академиите, сакале или не сакале, мораат да ги напуштат таквите позиции, бидејќи имаат силни независни интелектуалци и надвор од академиите, други центри, невладини.. кои со отвореноста на своите погледи едноставно можат да ги фрлат Академиите на буништето на историјата, ако продолжат со таквите некои архаични гледања на нашата современост, вели Камбовски за Прес24.
Вели дека за оваа иницијатива наидува на поддршка од сите академии во регионот, иако со Грчката Академија соработката иде потешко. Камбовски верува дека разговарањето е суштината за надминување на недоразбирањата.
- И мислиме дека токму тоа е патот по кој науката и културата и уметностите ќе создаваат еден дух на разбирање и соработка. Луѓето не разговараат, дури и за вакви неутрални теми, како што се теми од областа на науката или уметностите, вели Камбовски за Прес24.
Во интервјуто, претседателот на МАНУ зборува и за киритикир за пасивност на Македонската академија, за иднината на Енциклопедијата.
ПРЕС24: Прво заедничко чествување на еден настан од историјата кој ги поврзува Бугарија и Македонија и тоа на ниво на академии на науките. Како дојде до тоа, ако се земе в предви дека тоа беше пред се политичка идеја, имаше разни предлози од Буграскиот Претседател. Ве прашувам, затоа што таквата идеја беше честопати форсирана од бугарските политичари?
КАМБОВСКИ: Таа идеја се роди случајно и не е создадена со некаков политички диктат. Дојде по едногодишно комуницирање, интензивно, меѓу Бугарската и Македонската академија на науките и уметностите. Имено во текот на 2013 имавме повеќе средби со БАНУ, наши делегации беа таму, па потоа пртседателот на БАНУ беше кај нас. На крајот беше потпишување, како резултат на тие средби, на еден меморандум на соработка. Прво договор и меморандум за соработка во есента 2013 за заедничка работа на повеќе научно-истражувачки проекти и друга соработка во делот на организирање изложби. Понатаму взаемно, преводи на книги од Бугарски на Македонски и од Македонски на Бугарски. Значи, целата 2013 се подготвуваше таа средба со активностоите кои беа преземани таа година.
Основа прво беше меморандумот за заедничка соработка на научно истражувачки проекти. Таа соработка, според меморандумот ќе се однесува на околу 33 проекти од областа на општествените и природните науки. Од двете страни на тие проекти ќе работат и тимовите кои веќе се формирани. Ќе бидат опфатени теми од ЕУ прерспективите на Балканот, теми од културната историја, понатаму економската соработка. Во текот на оваа година оваа работа ќе се одвива во низа. Подготовката на проектите, во кои сигурно ќе бидат вклучени и некои трети земји членки на ЕУ, потоа со тие преокти, ќе се аплицира на европските фондови за научно истражувачки проекти.
ПРЕС24: Сепак сето ова е нешто што треба да биде нормална соработка?
КАМБОВСКИ: Сакам да кажам дека оваа средба не беше некој изолиран настан. Бидејќи ако бил некој изолиран настан таа би била некако наметната, наложена средба, која би била изнасилена средба, која има некое демонстративно значење за да покажеме дека ние од двете страни, клучните институции од највисок ранг, имаме некоја воља да соработуваме. Туку дојде како една природна последица на едно чувство дека ние навистина полека, развивајќи ја оваа научно истражувачка соработка доаѓаме до поголемо разбирање.
ПРЕС24: Но, сепак идејата за заедничко чествување на празници е идеја која потекна од политичките кругови во Бугарија.
КАМБОВСКИ: Таа потекнуваше од политичките кругови и се уште се врти во политичките кругови. Но, таму се сфаќа како идеја која некако треба да биде инструменализирана. Да биде ставена во некаква демонстративна функција на презентирање на некое единство, блискост и слично.. или претставување пред светот дека ете ние немаме некои внатрешни противречности и дека нема некои недоразбирања... но, ние не ја гледаме така. Ние фактички работиме на тоа да нема недоразбирања. Значи не да има формални изјави, ај ќе чествуваме, па преку тоа после ќе ги надминуваме недоразбирањата. Не! Обратно.. Ние сакаме да ги надминеме базичните недоразбирања помеѓу нас, а потоа таквите средби ќе дојдат сосема природно.
ПРЕС24: Зошто токму, Св Кирил и Методиј? Тама беше најблиската зедничка точка?
КАМБОВСКИ: Св. Кирил и Методиј затоа што тие се сесловенски просветитетли. Тие ја создале кирилицата која е аезбука, основа на нашата писменсот и во Македонија и во Бугарија и во Русија, Србија и други држави каде кирилицата е писмо. И во чест на Св. Кирил и Методиј, кои се и патрони на Европа, не би требало никој да се посомнева или да гледа некаква политичка...
ПРЕС24: Не! Никој не вели дека Св. Кирил и Методиј се спорни, напротив знаете дека Бугарија заговараше заедничко чествување на Илинден на пример. Можно ли е да се дојде до такви моменти?
КАМБОВСКИ: Не треба да зборуваме само за чествување. Ние зборуваме за средби по повод, или разговори, состаноци итн. Одбележувања по повод. Ние заеднички би требало да ги одбележиме, или заеднички требаше да ги одбележиме и овие крупни историски настани како што беа, балканските војни и првата светска војна.
ПРЕС24: Меѓутоа, тука ќе се судрат историите?
КАМБОВСКИ: Може да се судрат. Нека се судрат. На отворена маса треба да се видат сите аспекти на еден проблем кој во историјата ги оптоварува, а и ден денес може ги оптоварува осносите помеѓу народите. Меѓутоа ќе се извадат на маса сите факти околу тие настани. Ќе се проверат интерпретациите на тие факти од историските науки на секоја од овие држави и тоа е еден добар начин да се воспостави подобра комуникација меѓу историчарите и другите кои се занимаваат со општествените науки. Не мора на крај да излезат со еден заеднички заклучок. Околу балканските војни на пример и натаму ќе продолжи спорењето меѓу бугарската и српската наука дека тоа беа војни за ослободување на Македонија. За нашата историографија тоа не беа никакви војни за ослободување, ниту пак тогаш македонскиот народ ја стека својата слобода и самостојност, не формира своја држава. Тоа се факти. Треба да има толеранција во историјата, во гледањата на една или друга историска школа. Јас отсекогаш тврдам дека токму во тоа е нашата улога како наука и во тоа е леснотијата со која науката може да ги расчистува ваквите проблеми, за кои постојат големи разлики, да речем и политички...
Ние може да разговараме и тоа и тогаш кога седиме на различни научни позиции. Можеме да разговараме. Политичарите не разговараат, а стојат на различни позиции.
ПРЕС24: Паралелно бевте и во Белград со цел развивање на соработка која исто така е неопходна со тамошната Академија на науките и уметностите. Дали тоа е патот за пеглање на национализмите на Балканот?
КАМБОВСКИ: Не е тоа само со Бугарската и Српската академија. Ние тоа го направивме и со Албанската Академија на науки, со која исто така потпишамве протокол за соработка. Започнавме поинтензивни облици на соработка. Уште во 2012 беа одржани денови на Албанската академија кај нас и тоа за прв пат во историјата. Ние оваа година треба да одржиме денови на Македонската амакедмија во Албанската академија, со предавања и изложби...Преведуваме една историја на албанската цивилизација и ќе ја објавиме како Академија. Кај таа книга, на пример, ќе има сигурно и некои спротивставени мислења кај нас. Меѓутоа веројатно ќе има и критики, како Академијата може да објави таква книга, која содржи вакви и вакви гледања во однос, не знам на античкиот период. Тоа се оние стари кавги околу тоа кои биле првите жители на овој наш, тесен, балкански простор. Но, ние велиме вака. Ние во предговорот на таа книга ќе кажеме кои се гледањата на нашата историска наука во однос на тоа. Меѓутоа, тоа е Албанска академија. Тоа е научна институција. Авторот на таа книга е академик, човек кој има реноме на научник. Таа книга се продава, се дистрибуриа во светот. Тој има едно гледање за тоа, за тие приказни за античките народи. Нашата историска наука за тоа има други гледања. Но, тоа не значи дека ние не смееме да ја игнорираме, или да ги игнорираме книгите, да ја игнорираме интерпретацијата на другите научници.. Ќе има и такви кртики. Но, затоа ние се договоривме следно. За возврат, Албанската академија ќе објави историја на македонскиот народ на албански јазик. Во тоа свое издание, исто така, веројатно во предговорот на таа книга и албанските научници ќе стават свои забелешки, аргументи, со кои ќе кажат дека не се согласуваат со некои ставови на македонските научници. А во науката, не само што тоа е редовна појава, туку е и корисна појава. Замислете како би изгледала науката кога сите би гледале исто...
ПРЕС24: Токму тоа Ве прашувам. Околу ваквата комуникација меѓу овие институции. Дали е тоа патот за надминување на национализмите, затоа што критиката е дека академиите се извор на национализмите. Малку е парадоксално, врвот на науката, да биде врв на национализмите на Балканот?
КАМБОВСКИ: Тоа е точно. Беа тврдини. Ние сакаме сите Академии, барем оние Академии со кои разговараме, да отвориме една нова страница. Да помогнем да се создаде една нова слика за балканските прилики, а тоа е без национализми, со здрави национални чувства, програми, без шовинизми.. Инаку нема перспектива за балканските народи, ако продолжат да живеат во такво взаемно недоразборање. Пред два месеца потпишавме договор за соработка со Косовската акаедмија и следниот месец треба да ги формулираме заедничките прашања на кои ќе соработуваат академиите, било како проекти, било како конференции, научни дебати. Значи, ние тоа го шириме како пристап и за среќа наидуваме, сегде, дали е тоа придонес на господинот Воденичаров, како претседател на БАНУ, или во структурата на албанската или косовската Академија, дали е тоа израз на една нов свест, дека повеќе не може натаму со меморандуми и со непријателство и нетрпеливост, но наидуваме на еден позитивен одговор насекаде.
Истото е со Црногорската академија,...
ПРЕС24: Со Грција?
КАМБОВСКИ: Со Грција е потешко, затоа што ние, редовно ги покануваме на наши собири на иницијативи, на заеднички средби, но тие одговараат дека се зафатени... Одговораат дека не можат да дојдат. Но, од друга страна нивни научници учествуваат на наши собири. На пример на крајот од минатата година беше одржан еден собир за античките богови и тука имаше и од Грција. Ние кога ќе седнеме да разговараме за овие прашања, не расправаме за името или за други теми кои ги оптоваруваат нашите односи. Разговараме за она што е предмет на таа дебата, на тој научен собир. И мислиме дека токму тоа е патот по кој науката и културата и уметностите ќе создаваат еден дух на разбирање и соработка. Луѓето не разговараат, дури и за вакви неутрални теми, како што се теми од областа на науката или уметностите.
ПРЕС24: Една од критиките е дека Академиите се институции кои најтешко се реформираат. Се гледате себе си како еден реформатор во таа насока?
КАМБОВСКИ: Па, добро... тоа е преголем збор. Нескромно е тоа да се каже.
ПРЕС24: Но, сепак овие чекори се нешто што досега го немало. Една нова насока, кон една нова историја?
КАМБОВСКИ: Јас ја гледама новата положба на академиите во еден друг контекст. Јас можам да разберам дека во други времиња, кога имавме еднопартиски систем итн., имаше една силна идеологизација на низа области, на политизација од еден тип. Сега имаме некоја политизација од сосема друг тип. Академиите и науката мораше да има една подредена улога во однос на државата и државните цели, што ги дефинираа едни тесни политички интереси.
ПРЕС24: Но, не само во едноумитео.. тоа се случуваше и во годините на плурализам, на независност на државите кои настанаа. Академиите како да одеа по политиката?
КАМБОВСКИ: Во времето на плурализмот полека тие стеги почнаа да олабавуваат од повеќе причини. Во тоа време Академиите го држеа монополот на последниот збор по однос на некои прашања, вклучувајќи го националното прашање. Меморандум на Српската Академија. Меморандум на Албанска академија. А тоа паѓаше како гром од небото на сите интелектуалци во тие земји. Сега во време на плурализмот академиите, сакале или не сакале, мораат да ги напуштат таквите позиции, бидејќи имаат силни независни интелектуалци и надвор од академиите, други центри, невладини.. кои со отвореноста на своите погледи едноставно можат да ги фрлат Академиите на буништето на историјата, ако продолжат со таквите некои архаични гледања на нашата современост. Па во кои научни кругови може да помине денес некој меморандум од типот на нацрт меморандумите на САНУ или на ААНУ. Во кои сериозни научни кругови, и дома во тие држави, ќе помине таков меморандум денеска?
И промената на таа општа свест и на тие општи погледи, свртеноост на интелктуалците кон некои сега базични, суштетствени прашања, свесно е дека не можете народот повеќе да го замајувате со идеологии од типот на 19 и 20 век, или парадигми за општетственото уредување. Тоа исто така изврши влијание на сите академии, па и на нашата Академија.
ПРЕС24:Има е дна општа перцепција дека изминативе две децени плурализам, МАНУ како да немаше став за суштински прашања. Зошто? Дали станува збор за страв или?
КАМБОВСКИ: Ние поминувавме низ едно време на превривање. Транзицијата е тоа. Ние во тој периот требаше како држава да решаваме низа други прашања, економски, блокаби, етаблирања....
ПРЕС24: Тому во тие моменти недостасуваа стратегии. На пример ден денеска МАНУ нема стратегија за клучното национално прашање, кои ги бликира националните стратешки интереси. Тоа е спорот со Грција за името?
КАМБОВСКИ: Имаме ние ставови за прашањето за името и тие ставови сме ги соопштувале повеќе пати. Исто така имаме повеќе и не само ставови, туку и студии околу јазикот, околу идентитетот...
ПРЕС24: Не зборуваме од тој аспект, туку од аспект за начин за решавање на ова прашање?
КАМБОВСКИ: Кога доаѓале различните предлози околу името, Претседателството на МАНУ формирал свои ставови за тоа. И јас лично сум го кажаувал и на денот на Европа на 9 мај, во своето излагање соопштив еден став. А тоа е дека преговорите со ЕУ, треба да започната во најкус можен рок, макар и под привремената референца во ООН. Во прилог на тоа оди и пресудата на меѓународниот суд на правдата во Хаг. А во текот на преговорите ќе биде создадена взаемна доверба помеѓу државите. Ќе има тука и други држави на ЕУ, кои ќе работата на тоа, за да се стигне до договор за користењето на името во меѓународната комуникација. Името на државата е име на државата. Тоа е уставно име и идентитет. Тоа не е предмет на преговори. Предмет на преговри може да биде само користењето на името на државата во меѓународните организации и меѓународните односи. Имаме широка практина на државите да користат во меѓународните односи друго име. Дури и самата Р. Грција има друго име во меѓунардоните односи. Идентитетот не може да биде предмет на преговори, бидејќи меѓународното право не познава признавање на идентитет, туку само признавање на држави. Идентитетот извора од поединечното право, правото на поединецот да се идентификува со определна нација, народ, етничка заедница.
Понатаму јазикот. Нема признавање на јазикот. Јазикот едноставно го прифаќате или не на другиот, но не во формална смисла да го признаете. Велиме Бугарите не ни го признаваат јазикот. Како не ни го признава, кога имате стотици книги на бугарски, на кои пишува превод од македонски. Што друго треба да биде признаено. Треба да излезе Премиерот па да рече, јас го признавам македонскиот јазик. Тие прашања не можат да бидат предмет на преговарање, бидејќи се врзани за основните човекови слободи и права. Тоа се апсолутни права. И тоа е загарантирано со сите меѓународни конвенции.
ПРЕС24: Кога зборуваме за слабо присуство во јавноста, зборуваме и за монетите дека од се, прозизлезено од МАНУ во овие две децении, веројатно најголем одек во јавноста имаа два момента. 2001 со идејата за размена на територии и пред некоја година Енциколпедијата. Од денешна дистанца мислите ли дека тоа беа подрешни чекори?
КАМБОВСКИ: Прво околу изјавата на тогашниот Претседател на Академијата, Академикот Ефремов, поради која се крена огромна бура. Таа изјава сега може да се интерпретира од различни аспекти. Тој самиот ја дообјаснуваше таа изјава, дека не мислел воопшто на размена на територии, но мислел дека е потребно да дојдеме до едно обединување на сите национални, етнички заедници, на едно сплотување во Македонија. И ако тоа не е можно, на крај секогаш излегува дека народите се делат. Но, што се случи? Се случи неговата изјава да се анатемиса. И второ, заедно со таа изјава да се анатемиса и целата Академија. Јас и ден денес го бранам, иако тој не е жив, неговата слобода на лично изјаснување околу важни прашања. Не смееме на луѓето да им префрлиме ако имаат вакво или онакво мислење. Ние во политички, или други кругови сме слушнале многу поекстремни мислења. Луѓето си изразуваат свои мислења и за тоа апсолутно не треба да бидат анатемисани. Ние треба да се бориме против една опресивна клима која владее кај нас. Таа е така наострена, да брзо анатемисува различни мислења.
И второ, тоа не беше мислење на Академијата. Тој не соопшти заклучоци на Академијата. Излезе со свое мислење. Јас сум го бранел и кога беше жив. И дури мислам дека тој направи грешка, што си поднесе оставка. Не смее да се бара од човек да поднесе оставка, затоа што има некое лично мислење, кое не го прифаќа мнозинството. На крајот на краиштата, има право и на грешка. Човек може да се поправи во тоа, да се корегира. Да не зборувам за тоа дека тој беше инструментализиран од тогашните политички структури да даде такви изјави. Тоа е друга тема.
ПРЕС24: Но, енциклопедијата сепак беше заклучок на МАНУ. Документ на Академијата.
КАМБОВСКИ: И со Енциклопедијата се случи нешто што исто така ја потвдрува нашата неподготвеност, нетолерантност и неподготвеност за расправа за отворени прашања. Прво неверојатна е жестокоста со која беше дочекана. Веднаш штом се појави Енциклопедијата, веднаш се појави и книга антиенциклопедија. Значи се подготвуваше книга контра енциклопедијата. Тоа значи дека едноставно се чекаше да се појави Енцииклопедијата, за тоа да се искористи како повод за настани кои можеа да имаат широки импликации. Тоа ја покажува примитивноста на средина која едноставно бара, едноставно е жедна, за некои какви било поводи, само за да ги искористи како повод за војна. Не причина за војна, туку повод за војна. Таа екциклопедија беше оценета како ексцентрична. Сигурно е дека за тој случај ќе се расправа на долго и на широко сериозно . Затоа што тој случај, како што реков демонстрира многу наши неподготвености. Една неподготвеност со аргументи да разговараме за ова.
Овде не се сфати дека Енциклопедијата е всушност еден заеднички труд на стотици автори, кај кои секои автор на одредницата која што ја пишува, дали е тоа одредница за некоја книга, лик или настан, лично одговара за тој текст. Тоа е чудна книга. Енциклопедијата не е вистинско научно дело, туку е збир од единици, кои ги пишувале компетентни лица од своите области, низ кои одредници ги претставуваат погледите на науката во однос на одделни прашања. Едно од тие големи прашања, околу кои се создаде бура беше присуството на Албанците на Балканот...
ПРЕС24: Имаше таму и други моменти.. околу 2001, околу војанта, прашање кое истириски не се обработуваат, квалификации...
КАМБОВСКИ: Но, дали тоа требаше да бие повод да се направи револуција?
ПРЕС24: Веројатно не, меѓутоа критиките беа дека како МАНУ не ги предвидела можните импликации во македонското општетсво од некои такви констатации?
КАМБОВСКИ: Видете. Ако е така, тогаш за ќе треба човек да внимава. Ќе испаде по она француската, дајте ми еден збор од некоја реченица и доволно ми е да го одведам авторот на бесилка. Значи прашање е како го интерпретирате зборот одредницата. Кој е контекстот. Во какви услови, но тоа не значи дека од која било книга ако извлечете, со авторот е готово.. и со таа книга. Мора да постои толеранција.
ПРЕС24: Што е сега со книгата, со примероците?
КАМБОВСКИ: МАНУ ја повлече таа книга затоа што се појавија голем број критички забелешки на одредени одредници. Тоа предизвика страотни протести, можеше да дојде до немири и до демонстрации. Значи се искористи како повод, всушност за да почнат да се реазлизираат некои други проекти или планови. И ние оценивме дека нејзиното повлекување од дистрибуција е еден прилог кон тоа да се смират страстите и потоа, зошто да не, ако е направена некоја грешка во некои одредници, тие одредници на соодветен начин да се исправат. Тоа повлече избор на нова редакција на Академијата, која сега ја води Академик Маџунков. Таа ги собра сите критики што стигнаа. Понатаму работеше на повеќе варијанти. Морам да кажам дека една од тие варијанти на кои се работеше беше да се запре со работа на енциклопедијата и еден огромен материјал кој е собран, бидејќи тоа беше енциклопедија која беше планирана да излезе во седум тома, да се предаде на некој лексикографски завод, кој ќе биде специјализиран за изработка на енциклопедии и покрај фактот дека сите академи од регионот работат на енциклопедии, или енциклопедиски речници. Но, кај нас нема лексикографски завот, кај нас има лексикографски центар во Академијата.
Втората варијанта беше да се подготви ново издание на енциклопедијата во кое ќе бидат корегирани, препрочитани и редактирани уште еднаш сите спорни одредници. И имаше уште една трета варијанта, да се подготви едно сосема ново издание во целина, па дури тоа да биде и едно електронско издание. Меѓутоа морам да кажам дека сега внимателноста, еднаш кога ќе се изгорите и на јогуртот ќе дувате, бидејќи се наоѓавме во еден период на секоја година разни изборни циклуси и бидејќи не сметаме дека овој политички фолклор кај нас е многу променет, не мислиме дека е подигнат многу прагот на толеранција, во меѓувреме не мислиме дека иако еве почнати се интензивни соработки со соседските науки, и дека сме ги издискутирале сите прашања и дека тие извори нема да поттикнат, да излезат поттици за реакции, дојде фактички до едно одложување, така што до ден денес нови заклучоци не се предложени, бидејќи она што е направено, а тоа е повлекувањето, е донесено враз основа на заклучоци на собранието на Академијата. Значи треба да се подготват нови заклучоци. Собранието уште еднаш да ја согледа целата ситуација и тогаш да се донесе одлука, што понатаму. Но, несомнено е дека во овој собран драгоцен материјал, никој не негираше дека во таа енциклопедија, со исклучок на еден број на спорни одредници, дека е собран и презентиран еден огромен материјал, богат за Македонија. И тој материјал не би требало да се фрли. Јас во неколку наврати кога сум разговарал и со албанските пратеници. Сум ги прашал, што мислите за енциколпоедијата. Тие одговарале, па добро имаше навредливи изрази и слично.. Добро им викам. Може ли да ја запалиме? Јас сум подготвен, во едно комбе ќе ја донесам овде и ќе ја запалиме заедно... Не е така едноставно.
ПРЕС24: Каде се наоѓаат сега примероците?
КАМБОВСКИ: Тие се во печатница, но не се вкоричени. Оставени се така.. стојат... Така што ќе видиме што понатаму ќе биде. Се Зависи од редакцијата. Во таа редакација баравме да влезат историчари Албанци и други научници, заедно да ги гледаат сите одредници. Понатаму имаме предлок, се уште не сме го реализирале, за спорните одредници да отвориме научна расправа. Тие ќе бидат повод за научна расправа, бидејќи очигледно таму има недоразбирање во самата историска наука. Историјата спори кои ги населувал овие простори, но спори од еден лош агол.. Правото на превснтво. Што е апсолутно незамисливо денеска науката врз основа на тоа кој прв народ го населил Балканот да изведува некое право на првенство на современите народи кои живеат на овие простори. Тоа што се случи, со дел од одредниците на Енциклопедијата, ги одразува состојбите во нашата наука. Таа состојба е една стагнантна состојба. Нашите научни институции, за жал, се во една стагнатна состојба. Нема подновување, нема подмладок. Со толку материјални средства, нема истражување
ПРЕС24:На што е резултат тоа? На немање сенс кон науката на државата или?
КАМБОВСКИ: Добро дел влијаеше и економската состојба. Но, главно е несфаќањето дека науката не е потрошувачка, туку е производна сила на државата. Сега очекувам дека во наредниот период, барем и според оние ветувања што беа дадени во предизборната кампања од сега новата влада што ќе се формира, би требало да дојде до радикални пресврти во таквите гледања, на тоа редовно се укажува и во извештаите за Македонија на Европската Комисија, дека нема значителен напредок во науката. И ние се повеќе и повеќе заостануваме. За науката, кај нас и ден денес, се одвојува 0,2 % од БДП , тоа е најмалку во регионот, а може и на дното од цела Европа. И треба повеќе поддршка на нашата историска наука за повеќе истражувања. Ние дојдовме до ниво да не можеме да одиме да истражуваме во странски архиви, да не можеме да присуствуваме на меѓународни научни собири. Се повеќе почнува нашата наука да станува анонимна во тој дел. Значи да не може да афирмира свои научни вистини и аргументации . Но, се надевам дека ќе дојде до промени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа