Ставрески: Ќе продолжи позитивниот тренд во индустријата
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески очекува позитивните трендови во индустријата да продолжат и во наредниот период.
- Официјалните статистички податоци се уште не се објавени, но моите очекувања, со оглед на тоа дека економските политики се поставени на здрава основа и се долгорочно поставени, се дека нема причина да не продолжиме со позитивните трендови во индустријата, изјави министерот Ставрески.
Потенцира дека Владата ќе го испочитува проектираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП, односно ќе остане во рамки на планираниот дефицит и покрај реализацијата на значајни капитални проекти, кои подразбираат користење повисоки износи.
За тоа дали ќе има ребаланс, посочи дека се уште е рано и оти кон средината на годинава ќе се процени дали има потреба и доколку има ќе се види колкава е потребата и колкав ребаланс би се направил. Според министерот Ставрески, потрошениот буџетски дефицит е резултат на сезонски фактори, односно исплаќањето на субвенции и капитални расходи за инфраструктурни проекти како автопатите, а другите расходи се во рамки на планираните вредности. – Во останатиот дел од годината по однос на субвенции, рече, ќе има помали исплати.
- Во последните седум години, а особено 5,5 години во услови на криза, најголемата поддршка што можевме да ја дадеме е задржувањето на ниските даноци, кои беа на најниско ниво во Европа, рече Ставрески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа