Од понеделник по 8.500 денари за вработените во приватните фирми за К15 - кој нема да даде 4.000 казна

 

Според сегашните пресметки, на околу 300.000 вработени во приватниот сектор им следува регрес за годишен одмор од околу 8.500 денари, кои треба да ги добијат од 1 јуни до крајот на годинава

Работниците во приватниот сектор од понеделник треба да почнат да добиваат регрес за годишен одмор, таканаречен К15, чија исплата од годинава е задолжителна и произлегува како обврска за работодавците од Општиот колективен договор за стопанството. Со тој договор висината на регресот е утврдена на 40% од просечната републичка нето-плата за претходниот месец и според сегашните пресметки, изнесува околу 8.500 денари.

Регресот во таа висина им следува на сите вработени во приватниот сектор, кои ги има околу 300.000, без разлика колкава плата примаат. Услов е само да се биде вработен во конкретната фирма најмалку шест месеци. Рокот за исплата на К15 е од 1 јуни до крајот на годинава. Доколку работодавецот ја избегне оваа обврска, ќе плати парична казна во висина од една до четири илјади евра во денарска противвредност. Кој исплатил К15, а кој не ќе се знае до крајот на годината, но трудовите инспектори и синдикалците веќе се мобилизираат. Од Сојузот на синдикати на Македонија веќе најавија кампања за запознавање на работниците со нивните права, а некои грански синдикати веќе контактираат со работодавците за да ја согледаат состојбата на терен. 
- Веќе сме активни и ќе чекаме да истече рокот за исплата на К15, па ќе ги тужиме работодавците кои нема да ја исполнат оваа обврска - вели Ангелко Ангелковски, претседател на Синдикатот на текстилците.

Во текстилниот сектор се вработени околу 50 илјади работници, претежно жени, а нивните законски утврдени минимални плати се пониски од пресметаниот износ на К15. Но, Ангелковски вели дека синдикална заштита ќе им следува само на оние работнички кои се членови на ССМ, а тоа се околу 5.000 или само 10% од вкупниот број вработени во секторот.

Сумата од 8.500 денари што работодавецот има обврска да им ја префрли на сметките на работниците до крајот на годинава влегува во признаени трошоци на компанијата за плаќање данок на добивка. Дел од работодавците, претежно во големите фирми, со години наназад им го исплатуваат овој регрес на своите вработени, и тоа некои од нив и во поголем износ. Дел од македонските бизнисмени, пак, откога К15 стана законска обврска, се пожалија дека немаат доволно пари и дека тоа е дополнителен трошок за компанијата.

29.05.2014 - 13:45
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега