Вечерва контролка против Катар во Италија

 

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва во 19 часот во италијанскиот град Риети ќе одигра контролен пријателски натпревар со селекцијата на Катар. Селекторот на македонската репрезентација Бошко Ѓуровски, по поразот во понеделникот од Камерун (0:2) очекува подобар резултат.

- Мотив за натпреварот нема да недостасува. Со оглед на квалитетот, верувам дека ќе оствариме резултат каков што посакуваме. Резултатот на овие контролни дуели е важен, но во овој момент не е пресуден за нашата репрезентација. Реков дека мојата основна цел на натпреварите е да направам селекција која ќе го носи товарот на натпреварите од квалификациите за Европското првенство во Франција, тогаш и мојата одговорност ќе биде многу повисока, ќе зависам од резултатите на својот труд. Катар сигурно ќе има голема желба да оствари позитивен резултат, ќе видиме на кои начин ќе бидат поставени, но најважно е ние да бидеме во вистински ритам. Доколку ги исполниме тактичките замисли и секој од играчите биде фокусиран на своите обврски ќе ни биде полесно на сите, изјави за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија селекторот Ѓуровски.

Против селекцијата на Катар досега имаме одиграно два натпревари: 2001 година загубивме 1:0, а во 2009 година во Скопје постигнавме победа од 2:1 (со двата гола на Горан Пандев).

Нашиот денешен ривал е во серија и на девет натпревари нема доживеано пораз. Македонија на денешниот натпревар најверојатно ќе почне во следниот состав (формација 4-3-2-1): Наумовски (Ефремов) - Георгиевски, Грнчаров, Ристевски, Цуцули -Трајковски, Спировски, Тричковски- Ибраими , Абдурахими - Ј. Костовски

30.05.2014 - 10:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега