Врие полиција на Бит Пазар

Дивите тезгаџии на Бит пазар кои го окупираат тротоарот на булеварот "Крсте Петков Мисирков" продавајќи од облека, чанти, чевли до цвеќиња, овошје и зеленчук завчера во 23 часот беа на удар на пазарната инспекција. Инспекторите, кои заедно со комуналната инспекција на Општина Чаир и полициска асистенција, излегоа на терен во ноќните часови ја спроведоа оваа акција, како што велат, поради големиот број на поплаки кои ги добиваат поради овие нелегални препродавачи. Од Пазарната инспекција велат дека намерно е одлучено да се излезе во подоцните часови на терен бидејќи тогаш е помирно, има помала фреквенција од луѓе, а во тој период дивите пазарџии ја монтираат опремата на која утрото веќе ја изложуваат робата, пишува Вечер
Сепак, и покрај оваа акција сликата на терен ниту вчера не се измени. Редица од диви препродавачи имаше на тротоарот помеѓу двете автобуски стојалишта каде што на картонски кутии или мали метални конструкции на продажба се нудеше облека, а не се поместија ниту тезгите со цвеќиња. Вчера утрото кај цвеќарниците можеше да се забележи само поголемо присуство на полиција. 
- Акцијата се уште трае, резултатите од излегувањето на терен за расчистување на јавните површини од дивите пазарџии е во тек и ќе се знаат до крајот на неделата. Наши инспектори дејствуваа со комуналната инспекција на Општина Чаир и со асистенција на полицијата. Акцијата помина мирно, а се спроведуваше во подоцните часови бидејќи има помала гужва, а сепак во тој период пазарџиите ја поставуваат опремата, велат од Пазарна инспекција.
Освен Бит пазар, на мета на пазарната инспекција минатата недела беа и пазарите во Буњаковец, Аеродром и Зелено пазарче каде инспекцијата има постапено по барање на Скопски пазар кој ги управува овие пазари. И таму инспекторите настапиле заедно со комуналните инспекции на општините Аеродром и Центар и со асистенција на полицијата. На овие пазари дивите продавачи обично се распослани напред пред влезовите на пазарчињата. И порано имаше вакви акции, но по извесно време дивите пазарџии повторно се враќаат на старите локации.
Оваа акција на пазарната инспекција ја поздравува Здружението на пазарџии. Од таму велат дека тие постојано бараат да се исчистат пазарите од дивите препродавачи кои не плаќаат ништо за своите тезги и се нелојална конкуренција на пазарџиите кои плаќаат закуп за тезгите.

03.06.2014 - 23:08
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега