Ојлевски: Во Скопје ќе ги победиме Грците со 8 гола разлика

 

Никој не се сомневаше во победата на македонската машка ракометна репрезентација против Грција, во саботата во Атина (27-25), по што избраниците на селекторот Ивица Обрван веќе по првите 60 минути се со едната нога на тлото на Катар, каде што во јануари ќе се одржи Светското првенство (СП). Сепак, остана констатацијата дека жолто-црвените одиграа далеку под своите можности во речиси полупразната сала во Атина. Шанса за поправање на сликата и за триумф со поголема разлика македонските ракометари ќе имаат в недела (20 ч.), кога се игра возвратниот меч во СЦ „Борис Трајковски“, секако, пред полни трибини.

- За нас во преден план беше резултатот, а потоа играта. Но како одигравме, добро е и што забележавме победа од два гола. Знаевме со каков квалитет располагаат Грците, па одигравме многу поопуштено за разлика од противникот, кој знаеше дека е аутсајдер и немаше што да загуби на овој меч. Она што треба да го направиме во реваншот е да одиграме сите многу подисциплинирано и да бидеме тие што ќе бидат помотивирани од ривалот, а не обратно. Ако имаме добар пристап пред своите навивачи, тогаш очекувам уште во првите 10-15 минути резултатски да се одлепиме – вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски, кој постигна два гола во Атина.

Од замислената концепција на Обрван најделотворна беше десната бековска линија, која во вкупниот резултат придонесе со осум гола (седум на Кирил Лазаров и еден на дебитантот Ренато Вугринец). Следуваа левата крилна позиција со вкупно шест, пикерската со пет, централната бековска со четири, а од десната бековска и од десната крилна позиција се постигнаа по два гола.

Тимот имаше вкупно 12 асистенции, од кои Филип Миркуловски четири, а Борко Ристовски три. Репрезентативците имаа и 12 технички грешки и 14 промашени шута. Одбраната пред голот на Ристовски беше најранлива на левата бековска линија, од каде што Грците постигнаа шест гола, а беше проблематична и пикерската позиција предводена од Раки Маранго, која лесно го наоѓаше патот до македонската мрежа (пет гола). Десните бекови и левите крила постигнаа четири, а централните и десните крила по три. Ова само говори дека Грците погодуваа од сите страни и воопшто не се исплашија од реномираните македонски ракометни имиња.

- Она што го одигравме во Атина се должи, пред сѐ, на нашиот потценувачки однос кон противникот, кој имаше многу мотиви да игра добро против нас. Во Скопје, пред полни трибини, ќе биде многу поинаку. Нашиот квалитет ќе дојде до израз и верувам дека на крајот ќе славиме со најмалку 7-8 гола разлика - вели левото репрезентативно крило Гоце Ојлески, кој постигна еден гол во Атина.

13.06.2014 - 18:05
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега