Пресуда за масакрот кај Смилковското Езеро

Судскиот совет во скопскиот Кривичен суд во среда ќе ја соопшти својата одлука за масакрот кај Смиљковското Езеро, познат во јавноста како случајот "Монструм". На обвинителната клупа седат петмина кои се товарат за тероризам, додека на двајца им се судеше во отсуство, бидејќи, наводно, се наоѓаат во затвор во Косово.

Во својот завршен збор обвинителот Гордана Гешковска побара максимални казни за обвинетите Алил Демири, браќата Агим и Африм Исмаиловиќ, Сејди Рами, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута и се повика на доказите презентирани во текот на процесот кои недвосмислено ја покажале и докажале нивната вина. Идентичен став имаат и родителите на убиените момчиња, кои сметаат дека обвинетите мора да добијат максимална казна предвидена за овој злостор, доживотен затвор. Тие забележаа дека процесот траел многу долго и дека не требало да има толкав број рочишта кои беа затворени за јавноста која мора да ги знае сите детали за масакрот.
Од друга страна пак, одбраната на обвинетите во завршните зборови ги отфрли и оспори сите докази кои беа изведени во текот на процесот како и изјавите на заштитениот сведок Е1. Нивниот адвокат Насер Рауфи истакна дека станува збор за монтиран процес.

Завршниот збор на обвинителот Гешкоска наиде на осуда во дел од јавноста, вклучувајќи го и народниот правобранител Иџет Мемети и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Роднини на обвинетите пред десетина дена протестираа пред судот каде што течеше процесот, сметајќи дека е монтиран и дека нивните најблиски се невини.

Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 13 април 2012 година, на Велики четврток, веднаш пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени четирите момчиња од населбата Радишани, Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски од Радишани и Борче Стефковски (45) од селото Црешево. Според обвинителниот акт во нив било пукано со две автоматски пушки и пиштол од непосредна близина. Први биле ликвидирани четворицата другари од Радишани, а потоа и Стефковски кој бил сведок на злосторот.

Во март минатата година во главниот град на Косово, Приштина, беа уапсени Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, но тогашниот министер за правда од редовите на ДУИ, од само нему познати причини го одолговлекуваше праќањето на барањето за екстрадиција се додека против нив не почна судски процес во приштинскиот суд. На процесот тие беа осудени на по две години затвор и, наводно, во моментот ја издржуваат затворската казна, но косовските власти ниту еднаш не соопштија во која затворска институција.

Судскиот процес против петтемина обвинети почна во декември 2012 година, а во него се одржаа 35 рочишта на кои беа сослушани над 25 сведоци.

17.06.2014 - 23:15
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега