Џонсон Мети и Џонсон Контролс го билдаат македонскиот извоз
Џонсон Мети и Џонсон Контролс го билдаат македонскиот извоз. Според директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, странските компании кои произведуваат во зоните до крајот на годинава ќе остварат извоз во вредност од над една милијарда евра, пишува Лидер.
-„ Џонсон Мети е број еден извозник во Македонија, не само од зоните. Оваа компанија само во месец мај успеала да извезе стоки во вредност од над 90 милиони евра, што е за нив апсолутен рекорд. До крајот на годината Џонсон Мети ќе успее да достигне дури и поголеми резултати за месечен извоз од дури и над 100 милиони евра“, вели Мизо за Лидер.
И министерот за финансии Зоран Ставрески неодамна потенцираше дека една од покрупните придобвики од доаѓањето на странските инвестиции е зголемувањето на извозот и промената на структурата на извозот бидејќи се освојуваат и нови пазари.
„ Или пак повеќе се пласира на пазарите како што се Германија и други земји каде што порано многу тешко се пласирале македонски производи. Сега имаме суфицит со Германија значи произведуваме производи, катализатори и друга автомобилска опрема што се користи во германските фирми, а производителите на автомобилските фирми и автомобили и слично“, истакна Ставрески.
Според него, ваквиот тренд покажува дека имаме потенцијал за зголемување на додадената вредност во Македонија, односно да не се извезува само она што е базично производство.
„Затоа ние проектираме околу 10 отсто раст на извозот секоја година, верувам дека тоа е дури и конзервативно сценарио, можно е да оствариме и повисок извоз а фирмите што работат во зоните секако во следните година – две ќе придонесуваат за повеќе од една третина од вкупниот македонски извоз“, додаде Ставрески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа