Македонија има многу да понуди на инвеститорите

 

Можностите за инвестирање во Македонија економскиот тим предводен од премиерот Никола Груевски синоќа ги претстави пред бизнис заедницата во Ливерпул. Според присутните потенцијални инвеститори Македонија тоа го прави на мошне професионален и енергичен начин. Некои од присутните првпат ги слушнаа информациите за можностите кои се нудат и ставаат на располагање за правење бизнис во Македонија и сметаат дека се одлични и дека конкуренцијата на светско ниво е силна, но квалитетот е препознатлив.

- Македонија покажа дека има многу да понуди на инвеститорите. Беше одлична прилика да се запознам со прагматизмот на политичарите и посветеноста со која се вложуваат да ја претстават својата земја, како и можноста, како што беше во мојот случај, претходно не доволно информирана публика, да дознае повеќе за бизнис можностите што ги нуди вашата земја. Излегувам одовде со знаење и информации  за технолошко индустриските зони и со можностите за развој кои ги нуди Македонија, комплетно свежи идеи што не е вообичаено да се сретне. Начинот на кој се презентира во голема мерка ме привлече, изјави Мајк Лоренс, менаџер на компанијата КБС (Колброк Босон Саундер).

Компанијата се занимава со архитектура, дизајн и градежништво и стои зад повеќе впечатливи и уникатни градби на светско ниво. Позната е по лидерството во примената на современа технологија во создавањето на своите продукти. Започнала со производство во Кина, повеќе производствени погони во зависност на продуктот имаат во Чешка и Италија и се со интенција за изградба на капацитети и поголема присутност не само во пазарите каде веќе дејствуваат во Западна Европа, туку и во Централна и Источна Европа и Русија.

Инвеститорите со клучните реформи што ги презема Владата ги запозна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој истакна дека Владата е реформски насочена кон подобрување на стандардот на граѓаните во што значаен удел има и привлекувањето на странски инвестиции.

- Тоа е еден сеопфатен процес кој подразбира и големи вложувања во повеќе клучни сфери и инвестиции кои ги реализира Владата и покрај предизвиците од светската економска и европската должничка криза. Ја искористивме приликата да отпочнеме добро селектирани проекти, во транспортниот сектор, енергетиката и железничкиот превоз и тоа ни помага да ја подобриме инфраструктурата  и логистиката во земјата која им е важна на приватните инвеститори, истакна Ставрески.

Потенцијалните инвеститори ги информира дека Владата во последниот период почна со повеќе капитални проекти како изградбата на последната делница од автопатот на Коридорот 10 со должина од 28 километри, а во 2014 почна изградбата на два нови автопати Скопје-Штип во должина од 47 километри и Кичево-Охрид  од 57 километри. Истоврмено започна и изградбата на железничката пруга кон Бугарија, а во тек е реконструкција на железничката пруга долж Коридорот 10 и ќе биде завршена во текот на 2014 година.

- Направени се и повеќе проекти и во авио сообраќајот. Преку ЈПП изграден е аеродромот Александар Велики во Скопје и модернизиран е аеродромот во Охрид, што влијаеше да се зголеми бројот на патници и да се отворат нови конекции, вклучително и директна конекција Скопје-Лондон. Владата го поддржува овој процес преку обезбедување државна помош за нискобуџетските авиокомпании, како и поддршка за туроператорите кои ќе донесат организирани групи на туристи во Македонија. Се работи на проекти за развој на магистрални и дистрибутивни гасоводни мрежи, рече вицепремиерот.

Тој потенцира дека поволната бизнис клима во Македонија во изминатиот период беше препознаена од повеќе странски инвеститори. Повеќе мултинационални компании донесоа одлуки да инвестираат во Македонија. Во областа на автомобилската индустрија ги издвои британската Џонсон Мети со два капацитета во Скопје, американските Џонсон Контролс со капацитети во Скопје и Штип, Кемет Електроникс, фабрика во Скопје и Амфенол, фабрика во Кочани, германските компании Кромберг и Шуберт и Дрекселмајер, белгиската компанија за производство на автобуси Ван Хул, фабрика во Скопје и италијанската Технохозе.

Според Ставрески, значајно е да се истакне дека дел од компаниите, по реализацијата на првичните инвестиции, донесоа одлуки и инвестираа во изградба на нови и дополнителни капацитети како Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Технохозе, Продис и Ван Хул, што е веројатно најдобар показател за поволната инвестициска клима и одличните услови кои им се на располагање на странските инвеститори.

Вицепремиерот на Глобалниот економски форум 2014, на кој имаше обраќање и премиерот Никола Груевски, се обрати во рамки на посебната сесија посветена на темата за раст на пазарите на земјите во развој и нивното влијание врз Европа, како и за можностите за бизнис кои се нудат под влијание на неодамнешната криза.

Глобалниот економски форум 2014 претставува еден од најреномираните економски настани во Велика Британија, кој е дел од Интернационалниот фестивал за бизнис кој се одржува во Ливерпул. Фестивалот за бизнис  наидува на голем публицитет кај целокупната економска јавност што се согледува и од настаните на  кои се присутни претставници од академската јавност, инвеститори и големи меѓународни компании заинтересирани за инвестирање.

18.06.2014 - 10:38
Фото: 
vlada
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега