Истрагата за убиството на Ангел од Ѓорче тапка во место
Кривичната истрага која е отворена по убиството на 18-годишниот Ангел Петковски се уште тапка во место, пишува Утрински весник. Ножот со кој беше убиен матурантот не е пронајден, а се чека и на вештачењата за доказните материјали. Сведоците се уште не се распрашани. Како што неофицијално се дознава, уште се чека на изработка на вештачењата на крим-полицијата, како и на Институтот за судска медицина во Скопје. Полицијата треба да ги утврди сите околности кои се однесуваат на случајот, а за потребите на Јавното обвинителство ќе мора да ги обезбеди сите потребни и побарани докази.
Судско – медицинското вештачење треба точно да одговори на прашањето: дали младиот Ангел Петковски навистина бил прободен со нож кој му ја пресекол аортата или, пак, имало два убода како што првично се шпекулираше.
„Јавниот обвинител кој го води случајот ми потврди дека веќе од следната недела истрагата ќе добие се забрза. Точно е дека се чекаат вештачењата, а кога тие ќе бидат изработени, ќе почне распитот на сведоците“, вели скопскиот адвокат Рубин Двојаков, адвокат на осомничениот за убиството.
Двојаков не ја исклучува можноста осомничениот Насер Е. (19), од скопското село Грчец, да ја дополни изјавата што веќе ја дал пред истражните органи, но тој вели дека ќе причека да се обезбедат сите докази, вклучувајќи ги и снимките од видеокамерите на Европската очна болница.
Јавниот обвинител ќе изврши распит како на сведоците на трагичниот настан, така и на таткото кој е очевидец на убиството на синот.
Во меѓувреме се шпекулира дека очевидец на загинувањето на Ангел не е само неговиот татко, туку имало и други лица кои во тоа време се нашле во непосредна близина на Очната болница.
Дали оваа шпекулација ќе се покаже како точна или не, ќе покаже времето, но како што сега стојат работите мотивот за убиството на Ангел Петковски треба да се бара во кражбата на неговиот велосипед. Првичната полициска истрага потврди дека на 19. минатиот месец, некаде околу 17 часот, Насер се обидел да украде велосипед од дворот на семејството Петковски. Таткото и синот го забележале крадецот и со нивното возило започнале да го бркаат. Тие се упатиле кон Очната клиника, а малку потоа го виделе крадецот како се придвижува кон пешачкиот мост којшто ги спојува населбата Ѓорче Петров и Спортско-рекреативниот центар „Сарај“. Откако го оставиле возилото на паркингот тие се упатиле кон насипот на Вардар, но при првиот контакт со непознатиот крадец Ангел бил прободен.
За осомничениот Насер Е. се води постапка за кривично дело убиство и пред само една недела нему му беше продолжена мерката притвор за уште 30 дена.
Убиството на Ангел Петковски предизвика серија протести на жителите на Ѓорче Петров. Тие ја обвинија полицијата за неефикасност, а по убиството дојде до судир на групата со полицијата, по што за неколку десетици млади луѓе беа поднесени прекршочни и кривични пријави.
извор Утрински весник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа