Нови сознанија и претпоставки за мистериозната „Планета Х“

 

Астрономите повторно ја враќаат на сцена тезата за тн. „Планета Девет“ или „Планета Х“, веројатно слична на нашата карпеста планета што се наоѓа на работ на Сончевиот Систем.

Откако астрономите му го одзедоа статусот на планетата на Плутон во 2006 година и го нарекоа џуџеста планета, нашиот Сончев Систем официјално има осум планети. Но, некои астрономи, сепак, се скоро убедени дека постои и деветта планета. Набљудувајќи го Кујперовиот Појас каде што има претежно астероиди и џуџести планети, а којшто се наоѓа вон орбитата на последната планета Нептун, научниците откриле дека движењето на објектите во него се под нечие влијание, пишува „Астрофизикал журнал“ (The Astrophysical Journal).

Сите тела во Вселената, всушност, се под влијание на основните сили во природата, како што е гравитацијата. Преку оваа сила која се јавува во присуството на тежината и масата, сѐ што се наоѓа во тоа пространство, е некако поврзано меѓусебно, бидејќи преку неа се чувствува влијанието на сите други тела и предмети во околината, дури и на најоддалечените. Поради влијанието на гравитацијата, на пр., луѓето стојат на земјата, планетите се вртат околу ѕвездите, а галаксиите околу нивните јадра…

Знаејќи го тоа, астрономите користеле компјутер за моделирање на гравитационите сили потребни за движењето на објектите во Кујперовиот Појас, па откриле дека за тоа движење би била потребна планета најмалку 10 пати поголема од Земјата.

Научниците Патрик Софија Ликавка од Универзитетот Киндаи, недалеку од Кобе, јужна Јапонија и Такаши Ито од тамошната Национална астрономска опсерваторија на тој начин утврдија дека најдоброто објаснување за движењето на вселенските тела во Кујперовиот Појас, е сè уште невидена, неоткриена планета поголема од Земјата што кружи околу Сонцето оддалечена 250 – 500 пати повеќе од растојанието меѓу Земјата и нашата ѕвезда.

И други астрономи се согласуваат со овие сознанија и претпоставки.

Проблемот е што оваа планета, доколку постои, е релативно мала и прилично оддалечена од Сонцето, недоволно осветлена од неговите зраци, па засега е тешко видлива за човекот и нашата технологија. Но, веќе за следното десетлетие се најавени нови, посовремени телескопи за подобро истражување на небото, што можеби ќе имаат таква способност да го докажат (не)постоењето на „Планетата Х“.

25.09.2023 - 23:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега