Од топлиот дом не остана ништо: Хронологија на пожарот во Кисела Вода
Од топол дом, останаа само сцени како од хорор филм. Сопружници, мажот на 86 години, а жената на 69 години, едвај спасиле „жива глава“, откако синоќа избувна пожар во нивниот стан, кој пеплоса скоро се’ што поседувале.
Се' започнало вчеравечер во 22.25 часот, кога бабата свртела на 112. Пожарникари со две возила од Автокоманда веднаш пристигнале на местото на настанот. Огнените јазици излегувале надвор од прозорците. Кога службите забележале дека пожарот е надвор од контрола, напомош викнале уште четири противпожарни возила.
Жената не можела да најде излез. Ситуацијата била уште покритична бидејќи нејзиниот партнер е неподвижен, а користел и машина за кислород. Испаничена, се јавила и на синот: „Има пожар, брзо доаѓај“.
„Мајка ми ми се јави во 11.23, дека нешто гори, дека нешто е пожар. Татко ми е неподвижен со ХОБ, не може да дише. Јас веднаш тргнав од Центар, према тука. За максимум 10 минути бев тука. Во меѓувреме цело време зборував на телефон, испраничено ми рече „пожар има, брзо доаѓај“, изјави за Сител ТВ синот на сопружниците, чиј дом изгоре во овој пожар.
Синот кога пристинал на местото на настанот, веднаш се качил на четврти спрат, но пожарот многу се проширил и не можел да влезе, за да ги спаси своите родители.
Набргу потоа, двајца пожарникари влегле меѓу опасните стихии и ги извлекле сопружниците, кои итно биле транспортирани на скопските клиники.
Во меѓувреме, додека трае спасувачката акција за сопружниците, останатите пожарникари итно ја евакуираат цела зграда. Црниот чад се протегал и во соседните станови. На последниот кат над зградата живеела бремена жена, која со нејзиното семејство бегале од огнот, прерипувајќи огради и ѕидови.
„Ние бегавме преку другиот влез преку терасата со ќерката бремена 5, 6ти месец. Преку прозор, преку ѕид таму..Едвај се спасивме“, изјави станарот кој бегал од пожарот, а живеел на највисокиот кат од зградата која вчера беше зафатена од пожарот.
Силна експлозија и пиштење на сирени ги разбудиле и граѓаните од соседните згради.
Пожарот бил целосно изгаснат во 03.30 часот, по што пожарникарите се повлекле назад во базите. Дел од евакуираните станари ја поминале ноќта кај роднини, други преноќиле во Општината Кисела Вода.
Денеска полицијата вршеше увид на местото на настанот. Некои станари си земаа она што им остнало. Tри лица, меѓу кои и двајцата станари, чиј дом синоќа изгоре, се се уште на Токсикологија, но се во добра здравствена состојба.
Неофицијално, според првичните информации причина за пожарот е електичен спој, но истрага ќе покаже што точно се случило што предизвика голем страв и немир кај повеќе граѓани во општина Кисела Вода.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа