Огромни редици за ваучер од 25.000 денари за клима: За 3 часа примени 150 апликации

 

Архивата на Министерството за економија од утрово е преполна со граѓани кои аплицираат за ваучер за инвертер. Од почетокот на работното време вжештени се и телефоните на кои граѓаните можат да добијат информации за начинот на аплицирање, откога вчера министерот за економија Крешник Бектеши ги повика граѓаните со помош од државата, која изнесува од 23 до 27 илјади денари да ги намалат сметките за струја и да го сменат начинот на греење.

„Во првите три часа, од 09:30 до  12:30 часот, веќе имавме околу 150 апликации. Во оваа бројка не влегуваат апликациите кои се испратени преку пошта. Крајниот рок за аплицирање е 12 февруари, но доколку има интерес, рокот ќе биде продолжен“ изјавија од Кабинетот на министерот за „Макфакс“.

Условот да се добие ваучер за клима-уред е домаќинствата да немаат достапен приклучок на мрежа за централно греење и во последните три години да не користеле субвенција за какво било грејно тело, а обврска ќе им биде да купат инвертер клима – уред кој може да грее и кога надворешната температура е минус петнаесет степени.

За ваучерот се аплицира со барање кое може да се преземе од веб-страницата на Министерството за економија, фотокопија од лична карта од сите членови на семејството или извод од матична книга на родените за малолетните лица, фотокопија од последна сметка за струја од 2023 година и изјава заверена на нотар со која се потврдува бројот на членови во домаќинството, се потврдува дека домаќинството не користело субвенција за какво било грејно тело во последните три години и дека нема приклучок на парно. Изјавата како документ, исто како и барањето за ваучер, може да се преземе од веб-страницата на Министерството за економија или од архивата, каде што и се поднесуваат апликациите.

Ваучерите се во вредност од 23.000 – 27.000 денари. Потврда во вредност од 23.000 денари во бруто износ по домаќинство со вклучен данок на додадена вредност ќе добијат домаќинствата кои ќе аплицираат од Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот регион. Ваучер вреден 25 илјади денари е предвиден за домаќинствата од Пелагонискиот и Југозападниот регион.

За ранливите категории, ваучерот ќе изнесува од 27 до 30 илјади денари во зависност од примањата и членовите во семејството.

Предвидено е да се поделат 7.000 ваучери, но министерот Бектеши рече дека има можност да се зголемат средствата доколку се случи граѓаните да се пријават, а да се исцрпат предвидените 4 милиони евра.

01.02.2024 - 16:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега