ОЈО ги истражува вчерашните сообраќајки на Куманово - Крива Паланка: Со голема брзина удрил во паркирано возило и повредил четворица полицајци кои вршеле увид
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место на експресниот пат во близина на Крива Паланка, каде вчера едно по друго се случија две сообраќајни несреќи.
Имено, најпрво автомобил “фолксваген голф” излетал од патот и се превртел, при што животот го загубил еден од сопатниците во автомобилот. Неговиот син и возачот се здобиле со телесни повреди.
Јавниот обвинител ги презеде сите дејствија за обезбедување на доказите и за испитување на причините за несреќата, а за починатиот е издадена наредба за обдукција.
Но, додека на лице место се преземале дејствијата за увид, на обележаната локација влетал друг автомобил, кој најверојатно според првичните сознанија поради неприлагодена брзина удрил во паркирано возило и телесно повредил четворица полициски службеници кои го вршеле увидот. Во сообраќајната несреќа потешко повредена е и сопатничката во автомобилот.
Јавниот обвинител постапува и презема дејствија за испитување на причините и за оваа несреќа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа