„Отвори, отвори“ – инциденти на протестите во Белград, разбиен влезот на Градското собрание, полицијата фрли солзавец

Официјални лица и поддржувачи на листата „Србија против насилството“ вечерва го разбија влезот на Градското собрание на Белград.

Како што јавуваат српските меидуми, со рачка за знаме е скршен влезот во зградата.

На снимките се слуша „Отвори, отвори“.

Полицијата фрли солзавец кон демонстрантите на седмиот протест со барање поништување на изборите во Србија, јавува РСЕ.

Претставниците на опозицијата, како што наведува медиумот, се обиделе да влезат во Собранието на Белград, за да им се обратат на граѓаните од балконот на градското собрание.

Тие ја турнале заклучената врата, а припадниците на полицијата ги спречиле да влезат во градското собрание.

Дел од демонстрантите ги искршија вратите на влезот, а полицијата одговори со солзавец.

На главниот влез во белградското Собрание, еден од полицајците на насобраните им порача дека „насилно влегување не е возможно и дека тоа е кривично дело“.

Толпата извикува „Победа, победа“, „Нема да дадеме победа“ и „Влези, влези“.

Потпретседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, ја повика полицијата внатре во зградата да го напушти Собранието и да „застане на страната на народот“.

Опозицијата тврди дека владејачката Српска напредна партија ги украла изборите, што власта го негира.

Студентите кои протестираа побараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ до денеска да ги исполни нивните барања и порачаа дека во спротивно во понеделник ќе го блокираат цел Белград.

 
24.12.2023 - 20:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега