Падна одлука: Српската армија и натаму останува на највисоко ниво на борбена готовност

Вооружените сили на Србија засега остануваат на највисоко ниво на борбена готовност, соопштено е денеска по седницата на Советот за национална безбедност во Белград.

Вооружените сили на Србија засега остануваат на највисоко ниво на борбена готовност поради „бруталната употреба на сила од страна на Албин Курти и неговите сили против српскиот народ на Косово и Метохија“, се наведува во соопштението по седницата.

На средбата биле договорени сите неопходни безбедносни активности со цел зајакнување на одбранбените капацитети на Србија.

Беше истакнато дека мисијата на НАТО на Косово, КФОР, не ја извршуваше својата работа согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Воено-техничкиот договор од Куманово.

Началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, генерал Милан Мојсиловиќ, е овластен да одржува директен контакт со командантот на КФОР, во обид да се осигура дека мисијата ја исполнува својата функција и мандат, во согласност со релевантните акти на Обединетите Нации и ги штити Србите во Косово.

„Република Србија ќе биде цврста и непоколеблива во заштитата на својот народ“, се вели во соопштението.

На седницата присуствуваа претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, министерот за надворешни работи и секретар на Советот за национална безбедност Ивица Дачиќ, министерот за одбрана Милош Вучевиќ, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, директорот на БИА Александар Вулин, началникот на Генералштабот на српската армија Милан Мојсиловиќ, министерката за правда Маја Поповиќ, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ, обвинителката Загорка Доловац, началникот на белградската полиција Веселин Милиќ и претседателот на Народното собрание Владимир Орлиќ.

Седницата синоќа ја најави претседателот Вучиќ.

На северот на Косово вчера, полицијата насилно упадна во општинските згради во Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, употребувајќи солзавец, чад и шок бомби против Србите кои се обидоа да ги спречат да влезат во општинските простории.

27.05.2023 - 11:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега