Платата на директорот на Мајкрософт се зголеми за 63 отсто
Главниот извршен директор на Мајкрософт, Сатја Надела, доби зголемување на платата од 63 отсто во 2024 година, според регулаторни документи објавени денеска, јави ДПА.
Најголемиот дел од пакетот за компензација на Надела е во акции на Мајкрософт, додека паричниот дел е повеќе од 50 отсто помал отколку што му бил предвиден, по негова молба поради неодамнешни безбедносни проблеми.
Според извештајот, Надела добил компензација вредна 79,1 милион долари за фискалната 2024 година, што е значителен пораст во однос на минатогодишните 48,5 милиони долари. Пакетот вклучува основна плата од 2,5 милиони долари, акции вредни 71,2 милиони долари и 5,2 милиони долари во други бонуси.
Комитетот за компензација објасни дека ја следел политиката на плаќање според учинокот. Надела побара намалување на паричниот дел на бонусот поради неодамнешните безбедносни проблеми. Сепак, според оценките, тој се квалификува за бонус од 10,6 милиони долари, но му беа доделени 5,2 милиони долари, што е намалување од 50 отсто.
Финансиската директорка Ејми Худ добила 25,8 милиони долари, а комерцијалниот директор Џадсон Алтоф добил 23,05 милиони долари за 2024 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа