По критиките, британскиот премиер враќа подароци во вредност од над 7.000 евра

Британскиот премиер Кир Стармер, критикуван за прифаќањето подароци од донатори, ги вратил повеќето од тие подароци во вредност од 6.000 фунти (7.200 евра), меѓу кои билети за концерт на Тејлор Свифт, јави неговиот кабинет.

Одлуката е донесена по повеќенеделната дебата која ги опкружуваше лидерот на лабуристите и повеќе негови министри. Стануваше збор за медиумски извештаи според кои Стармер од декември 2019 година добил подароци во вредност од 105.147 фунти (127.278 евра).

Тие подароци кои се легални и пријавени во регистарот на парламентот, Стармер ги добивал додека бил лидер на опозицијата, но и откако дојде на функцијата премиер по победата на лабуристите на парламентарните избори во јули.

Во соопштението на Даунинг стрит се наведува дека Стармер се обврзал да ги преиспита прописите околу приемот на подароци и покани.

Покрај неколкуте билети за концертот на американската пејачка Тејлор Свифт, вратената сума покрива и четири билети за коњички трки како и договор за изнајмување скапа облека за неговата сопруга Викторија Стармер.

Конзервативната пратеничка Кеми Баденох, кандидатката за преземање на лидерството на ториевците, го обвини Стармер за хипокризија.

Кога беше во опозиција Стармер често им замеруваше на своите противници дека се отсечени од обичните луѓе.

Неговиот главен донатор Вахид Али, мултимилионер и член на Домот на лордовите е под парламентарна истрага. Горниот дом на британскиот парламент се обидува да ги расветли потенцијалните кршења на парламентарните прописи поврзани со тие подароци и покани.

02.10.2024 - 23:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега