По Нова Година имотен лист ќе се вади за 1 минута
Имотен лист од 1 јануари ќе може да се добие електронски за најмногу една минута по нарачката во Катастарот. Ова, како што најави денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски се овозможува преку новиот портал е-услуги.
До крајот на годинава ќе функционира стариот систем за е-услуги на Катастарот кој е многу побавен и помалку функционален од новиот.
– Преку новиот портал е-услуги граѓаните ќе можат да нарачаат 94 продукти кои ги изготвува Катастарот. Непосредно по нарачката, тие ќе им бидат испорачани на граѓаните. До крајот на годината бројот на продукти кои ќе ги испорачуваме електронски ќе се зголеми за 10, а во текот на наредната година за уште 10 нови продукти – рече Живковски.
Тој појасни дека граѓаните кои ќе нарачаат електронски некој од документите ќе можат да го добијат директно на нивната електронска адреса како електронски документ или преку пошта како печатен документ доколку ја изберат таа опција.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа