Почина „човекот со илјада животи“ – Бернар Тапи

 

„Човекот со илјада животи“ Бернар Тапи, како што го нарекува париски „Фигаро“, почина денеска, објави неговото семејство.

Невообичаен лик во секоја смисла на зборот, обожаван или омразен, кој го одбележа своето време со ексцентричностите на неговата професионална кариера, но и со неговата исклучителна храброст пред болеста што го мачеше неколку години, јави дописникот на МИА од Париз.

Бернар Тапи почина на 78 години.

Бизнисменот имаше рак од 2017 година и неговата состојба се влоши во последно време. Тој почина само неколку дена пред да се донесе одлука за спорниот арбитражен случај во 2008 година.

– Мислам прво на семејството на Бернард Тапи, нивната болка и тага, рече премиерот Жан Кастекс на маргините на кампусот на претседателското мнозинство во Авињон.

„Првата слика што ја паметам за Бернард Тапи е за борецот, човек со идеи и убедување против Националниот фронт, за каузи, неговите луѓе, неговиот град, компанијата. Тој даде се. Го видовме како се бори одлучно против болеста. Се поклонувам“, додаде тој.

Шефот на пратениците на ЛРЕМ, Кристоф Кастанер рече дека објавата за смртта на Бернард Тапи е голема тага. – Го придружував доста често, ја почитувам неговата приказна, неговата темна страна, неговата светла страна. Знаеме што донесе. Мислам на оние на кои им се допадна борецот, рече Кастанер.

На поранешниот извршен директор на „Адидас“ се уште му се судеше. Соочен со влошување на неговата здравствена состојба, неговата одбрана побара одложување на жалбената постапка во спорниот арбитражен случај што требаше да стави крај на неговиот спор со Кредит Лионе за продажба на „Адидас“.

Барањето е одбиено од Апелацискиот суд во Париз „со образложение дека ова упатување ќе биде спротивно на почитувањето на разумното време на кое имаат право обвинетите“.

Во овој случај, поранешниот претседател на Олимпик Марсеј беше осомничен дека, со соучесници, „наместил“ приватна арбитража донесена во 2008 година, која требаше да го реши неговиот спор со Кредит Лионе. Оваа арбитража заклучи дека поранешната јавна банка е „виновна“ и му додели на претприемачот 403 милиони евра.

03.10.2021 - 14:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега