Почина еден од најдобрите педијатри во Македонија

 

Во 90 година од животот, вчера почина еден од најдобрите педијатри во Кавадарци, примариус д-р Киро Китев. За ова попладнево информира Петре Камчевски, историчар и хроничар.

– Доктор Китев бил роден во Кавадарци во 1932 година, завршил основно образование и прогимназија во градот, а средно медицинско училиште во Загреб во 1950 година. По завршувањето на училиштето, извесно време работел во здравствените станици во Кавадарци и Неготино и тој бил еден од првите медицински лаборанти и техничари. Во октомври 1953 година се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје и со успех го завршил во 1961 година. Веднаш се вработил во Здравствениот дом во Кавадарци, а еден дел од приправничкиот стаж го поминал во Скопје, потсетува Камчевски.

Доктор Китев подолг период работел во Детскиот диспанзер во Кавадарци, каде бил шеф на Општа амбуланта во градот.

– Специјализирал педијатрија на детската клиника во Скопје, а специјализацијата ја завршил во 1971 година. Китев бил шеф на детски диспанзер каде работел заедно со доктор Диме Мешков. Последните осум години пред пензионирањето, беше началник на Детско оделение и службата за здравствена заштита на деца и ученици, при Медицински центар во Кавадарци. Тој е автор на повеќе од 25 стручни трудови, презентирани на конгреси, симпозиуми и стручни собири. Со звањето примариус се стекна во 1993 година, соопштува Камчевски.

За време на својот работен век, Китев бил претседател на Работничкиот совет на Медицински центар во Кавадарци, претседател на Синдикатот, претседател на Општинскиот одбор на Црвениот Крст. Во еден мандат бил член на Здравствениот собир при Собранието на Република Македонија. Бил претседател на УО на Медицински центар – Кавадарци.  Китев својот работен век го заврши во 1998 година, кога замина во пензија. Има добиено голем број награди и признанија, потсетува Камчевски. 

03.12.2022 - 14:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега