Полицијата предупредува за нов ужас по пожарот во Турција: Хотелот со над 200 гости може да се урне во секој момент

 


Постои опасност хотелот во турскиот ски-центар Карталкаја во областа Болу, каде што рано изутрината избувна голем пожар, да се урне во секој момент, пренесе турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, повикувајќи се на предупредување од полицајци.

Локалните власти не го коментираа ова предупредување.

Десет лица загинаа, а 32 се повредени во пожарот во хотелот во ски-центарот Карталкаја во северозападна Турција, изјави претходно денеска министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Пожарот избувнал околу 03:30 часот по локално време во ресторанот на 12-катниот хотел во Карталкаја. Поради тоа што хотелот е направен од дрво, пламенот брзо се проширил низ објектот.

Јерликаја, министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој и министерот за здравство Кемал Мемишоглу пристигнаа на местото на инцидентот.

Во меѓувреме, гувернерот на Болу, Абдулазиз Ајден посочи дека пожарот е речиси под контрола. Според него, обвинителството покренало истрага за утврдување на причините и околностите за инцидентот.

Ајден рече дека причината за пожарот не била веднаш утврдена, но потврди дека тој започнал на подот во ресторанот.

Многу екипи за итни случаи, вклучувајќи 30 противпожарни возила и 28 амбулантни возила од Болу и околните области се испратени на местото на пожарот. Над 230 луѓе се вклучени во напорите за локализирање на пламените јазици. Во областа пристигнува дополнително засилување.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган изрази сочувство до семејствата и најблиските на загинатите и посака брзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.

Ски-центарот Карталкаја се наоѓа на планината Короглу. Одморалиштето е популарно место за одмор меѓу турските граѓани. Се наоѓа на околу 38 километри од градот Болу и 270 километри од Истанбул. Округот Болу се граничи со округот Анкара.

21.01.2025 - 12:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега