Потресен статус: "Дур сме живи ќе го ,,плаќаме" данокот, Господе дај ни трпение"
Професорката по Македонски јазик и литература, Татјана Алексиќ, се огласи на социјалните мрежи на најтажниот ден за Македонија, во поновата историја, кога во вечниот дом беа испратени 59-те жртви на пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, трагедијата која ја зави во црно Македонија, Балканот, но и светот.
- Трпедонци. Не знам друг народ во чии родослови и крстеници постојат имињата Трпе и Трпана. Можеби има, ама јас не знам. Од сѐ што истрпил овој народ наназад, низ трпеливото градење иднина, имам впечаток дека веќе не се трпи, не се трпиме, дека и трпеливоста има свој колективен крај. Многу ни е собрано за време на овие транзициски години, живеејќи Танталови маки - имаш сѐ, а сепак си гладен, жеден и тажен. Тажни сме. Тагата нѐ убива постепено. Ако успееш да се справиш со загадениот воздух и преживееш, ти не си ни жив ни здрав во едно нездраво општество каде што ни умираат млади луѓе. Ти си само преживеан. И тажен. Ќе живееме барајќи ја смислата во трпењето болка. Смислата на живеењето може да е и во трпењето, ако умееш трпеливо да поднесуваш маки и неправди носејќи ги како крст на плеќи. Кога се соочуваме со најтешките моменти, кога си ги погребуваме најблиските, изгорени како млади фиданки од неумолив оган, само тогаш можеме да ѝ погледнеме на судбината во очи. Само тогаш судбината ја гледаме во очи. Видлива е. И само тогаш трпењето добива смисла. Трагедиите ја усмртуваат радоста, но го раѓаат трпењето како нов облик за преживување и пронаоѓање нова смисла за живот. За заминатите, покојните, преминатите во други облици допрва ќе страдаме, жалиме, тагуваме... Дур не се упокоиме и ние. Дур сме живи ќе го ,,плаќаме" данокот на живот, после смртта на саканите чеда. Ги надживуваме, но ги оплакуваме. Во личното трпење на болка, ја наоѓаме смислата за колективното постоење. Страдањето не е понизност. Страдањето е храбро и достоинствено трпење непребол. Господе дај ни трпение...напиша професорката Алексиќ.
Во пожарот се повредени повеќе од 160 лица кои се на лекување во Македонија, регионот и странство.
Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали.
За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа