Потресно сведоштво: На раце ми останаа телата на безброј деца, умре и колега кој заслужува споменик
Стефан Бурназов работел кобната ноќ кога изгоре дискотеката Пулс во Кочани и загинаа 59 лица, а утредента бил со возачот на Итната помош, Иле Гоцевски, кој почина кога се врати дома од траорот.
Бурназов на социјалните мрежи напиша дека заедно со неговиот драг и непрежален колега Гоцевски 24 часа го оставиле срцето на терен.
- „На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце“, напиша тој.
- Во неколку наврати сме понижувани од повисокиот медицински персонал, од роднините на пациентите, третирани сме како дно под дното, газени и газени како да не постоиме. Ние работиме сè: кога е потребен доктор – доктори сме, кога е потребен медицински техничар, и тоа сме, кога е потребен болничар, и тоа сме… Знаеш ли дека ни сме сè, а всушност сме ништо! Одговорноста при транспорт на пациентот, докторот и сестрата е наша! Одговорност имаме за сè, плата имаме – ништо! Најмала плата, најмал бенифециран стаж! Кога се покачува платата во здравство, ние сме административно-технички персонал! Во очите на другите ние сме никој и ништо! Не очекувам да се смени нешто, но луѓето треба да сфатат дека полицаецот, докторот и сестрата не се ништо повеќе од нас! Почина колега кому треба споменик да му се направи. За мене, тој не беше само колега , тој е херој!“, пишува колегата на Гоцевски.
Министерот Арбен Таравари вели дека е свесен оти работата на возачите на Итната медицинска помош честопати знае да биде занемарена или да биде во сенка и тврди дека тоа не смее да биде така.
За потсетување, Иле дошол дома по тешката ноќ и по работниот ден, во кој ги превезувал повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, заспал и не се разбудил повеќе.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа