Претседателката ги прими добитниците на на 63. издание на Струшките вечери на поезијата
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими лауреатот и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата за 2024 година, Жан-Пјер Симеон, добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“, Катица Ќулавкова, добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Катрин Пиц и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова.
На средбата присуствуваа Тодорче Тасевски, директорот на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева, претседателка на управниот одбор на фестивалот и Јордан Плевнеш, поранешниот македонски амбасадор во Франција и препејувач на поезијата на лауреатот Жан-Пјер Симеон.
Посочувајќи дека Струшките вечери на поезијата, со повеќе од шест децениското постоење и автентичност, го имаат приматот на еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали, претседателката ја поздрави годинашната богата програмска содржина и ја истакна неговата непроценлива важност за презентација на македонското и светското поетско творештво.
На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до годинашниот лауреат, францускиот поет, драматург и есеист Жан-Пјер Симеон и до добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“, академик Катица Ќулавкова, истакнувајќи го нивниот значаен творечки, литературен и поетски придонес, како и до младите поетеси Катрин Пиц и Филипа Сара Попова, изразувајќи очекување дека овие престижни награди ќе претставуваат охрабрување и поттик за нивни натамошни меѓународни успеси.
Соговорниците разменија мислења за значењето и придонесот на Струшките вечери на поезијата во севкупната афирмација на македонската држава и култура, како и за важноста од постојано надградување на фестивалот и негово отворање за нови содржини и форми на поетска презентација.
Претседателката го поздрави возобновувањето на наградата „Млада Струга“ како можност за промоција на авторите дебитанти и поетите од помладата генерација, како и издавањето на специјалното издание со Брајово писмо на избор од антологиски песни на Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски и Матеја Матевски, со што се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо и им се овозможува на лицата со оштетен вид да ја доживеат убавината на поезијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа