Принцот Филип бил многу приврзан за принцезата: „Само глупав човек би ја напуштил Дијана заради Камила“
Принцот Филип бил многу приврзан за принцезата Дијана, а дописникот на кралскиот двор Ричард Кеј ги открил деталите за тој однос.
Според Кеј, леди Ди им раскажала на своите пријателки дека за проблемите во бракот со принцот Чарлс најмногу зборува со принцот Филип наместо со сопругот, бидејќи тој целосно ја разбира, пишува „Дејли мејл“.
Ричард Кеј рекол дека односот помеѓу принцезата и сопругот на кралицата Елизабета Втора бил одличен, но не и идиличен, бидејќи принцот Филип понекогаш се лутел на спомнувањето на името на Дијана, затоа што сметал дека не е дорасната на задачата за на правилен начин да се поврзе со кралската институција. Меѓутоа, тој подоцна бил многу приврзан за неговата снаа.
Писмата на принцот Филип
Принцот Филип почнал да ѝ испраќа писма на Дијана во 1992 година кога нејзиниот брак со Чарлс бил сериозно загрозен.
„Неговите писма до Дијана беа исполнети со топлина и љубов, исто како кога татко ѝ пишува на својата ќерка“, рекла пријателка на леди Ди.
Дијана секогаш одговарала на неговите писма во кои му ги откривала своите најголеми тајни. Таа не криела во преписката колку е повредена поради прељубата на нејзиниот сопруг.
„Само глупав човек би ја напуштил Дијана заради Камила“, заклучил принцот Филип во едно писмо.
Принцот Филип на посебен начин го завршувал секое писмо упатено до Дијана, со зборовите: „Со љубов, Па (тато)“.
Принцот Филип почина на 9 април во Виндзор, каде што ќе биде погребан на 17 април, во семејниот круг по сопствена желба. Војводата од Единбург ќе наполнеше 100 години за два месеца.
Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година. Во таа несреќа загина и нејзиниот партнер Доди ал Фајед.
Бракот на принцезата Дијана и принцот Чарлс траеше од 1981 до 1996 година. Чарлс во 2005 година се ожени со Камила, која ја доби титулата војвотката од Корнвол.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа