Професор испратил бомба како свадбен подарок - младоженецот загинал

 


Поранешен директор на колеџ во источната индиска држава Одиша е осуден на доживотен затвор за убиство на младоженец, кому му испратил бомба во куќата, завиткана како свадбен подарок. Во нападот загинала и роднина на младоженецот.

Судот го прогласи 56-годишниот Пунџилал Мехер за виновен за убиство, обид за убиство и употреба на експлозив во она што во Индија стана познато како „бомба за свадба“ и ја шокираше земјата.

Бомбата, која била завиткана како свадбен подарок, била испратена во домот на Соумја Секар Саху, 26-годишен програмер, само неколку дена по неговата венчавка.

Кога тој и неговата избраничка го отвориле пакетот, „подарокот“ експлодирал. Саху и неговата прабаба останале мртви на лице место, додека сопругата на Саху Рема се здобила со тешки повреди.

Иако судот го прифати тврдењето на обвинителството дека се работи за грозоморно злосторство, одби да го класифицира како еден од најсуровите случаи што заслужуваат смртна казна.

Експлозијата се случи во февруари 2018 година во Патнагарх, мирно место во областа Болангир, во индиската држава Одиша.

Жртвите биле во брак само пет дена и подготвувале ручек кога пакетот пристигнал на нивната адреса.

Кога Саху ја повлекол украсната лента на пакетот за да ја отвори, следела силна експлозија која ја уништила кујната, при што загинал тој и неговата 85-годишна прабаба Џемамани Саху. Рема, тогаш 22-годишна, преживеала со тешки изгореници, дупнати тапанчиња и тешка траума.

По долга истрага, полицијата го уапсила Пунџилал Мехер, тогаш 49-годишен учител и поранешен директор на локалниот колеџ каде работела мајката на Саху.

Инспекторите тогаш рекоа дека Мехер имал лутина поради професионалното ривалство и внимателно го планирал нападот. Тој користел лажно име и адреса за да ја испрати бомбата од Рајпур, преку курирска служба која немала видео надзор или скенирање на пратките.

Бомбата поминала повеќе од 650 километри со автобус, минувајќи низ рацете на многу луѓе пред да биде испорачана. Истражителите рекоа дека уредот бил дизајниран да експлодира кога ќе се отвори.

28.05.2025 - 20:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега