Путин ја разоткри слабоста на стратегијата на Трамп, анализира Би-Би-Си

 

Рускиот претседател Владимир Путин ги препозна слабостите во американскиот предлог за прекин на огнот и сега вешто ги користи за да ја префрли одговорноста назад на претседателот Доналд Трамп, анализира Би-Би-Си.

Путин порача дека „не може да има моментален прекин на огнот без претходен договор за условите“, со што ја извртува стратегијата на Трамп, кој инсистираше прво да се постигне примирје, а потоа да следат преговори.

Истовремено, рускиот претседател номинално го прифаќа принципот за завршување на војната, за да избегне обвинувања дека ја кочи мировната иницијатива. Сепак, очигледно е дека сака примирје под свои услови, префрлајќи го клучното прашање – повлекувањето на украинските сили – назад кон Вашингтон.

Најтешкото прашање за американската администрација е прашањето за територијалните отстапки. Путин инсистира Западот да ја признае анексијата на четирите украински региони, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично го отфрла тоа, сметајќи го за неприфатливо легитимирање на руската окупација. Дополнително, советник на Зеленски ја отфрли можноста за замрзнат конфликт, што дополнително ја усложнува позицијата на Трамп.

Денеска, на средбата на министрите за надворешни работи на Г7 во канадскиот Квебек, американскиот државен секретар Марко Рубио одби да коментира за одговорот на Кремљ, очигледно чекајќи извештај од специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, кој во Москва одржува разговори со Путин зад затворени врати.

Како ќе одговори Трамп – останува да се види, но сега сите очи се вперени во неговиот следен чекор, се посочува во анализата на Би-Би-Си.

13.03.2025 - 22:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега