Путин за нападот: Можеби се исламисти можеби го нарачале од Киев

 

Владимир Путин изјави дека терористичкиот напад во концертната сала „Крокус“ во Москва бил изведен од радикални исламисти, но повтори дека Украина би можела да биде вмешана во пукањето во кое загинаа најмалку 139 луѓе.

 

„Знаеме дека злосторството било извршено од рацете на радикални исламисти. Сакаме да дознаеме кој го наредил. Ова злосторство можеби е само еден дел од цела серија обиди на оние кои војуваат со нашата земја од 2014 година предводени од неонацистичкиот киевски режим“, изјавил Путин на средба со владини функционери.

 

Тој не ја спомнал Исламска држава која уште во петокот ја презеде одговорноста за нападот, иако има сѐ повеќе докази дека авганистанското крило на ИД, познато како ИСИС-Хорасан, стои зад крвавиот напад. Исламска држава објави и видеоснимка од нападот, која прикажа како еден напаѓач пука во луѓето во салата.

Киев негира дека е вмешан во нападот на кој било начин и ја обвини Русија дека лажно го сугерира тоа со цел да ги засили борбите во Украина. Путин вели дека напаѓачите сакале да избегаат во Украина кога биле уапсени.

„Кој ги чекал таму?“, прашал Путин.

Коментарите на Путин доаѓаат додека руските државни медиуми ја засилуваат реториката да ја поврзат Украина со нападот, а влијателната портпаролка на министерството за надворешни работи Марија Захарова им порача на САД уште еднаш да размислат кога велат дека ИСИС го извел нападот.

Четворица државјани на Таџикистан вчера се појавија во суд во Москва, при што беа обвинети за тероризам.

26.03.2024 - 08:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа