Рама се врати од Турција со 192.000 дози на анти-ковид вакцина, но и со најава за фабрика за нејзино производство
На меѓународниот аеродром во Тирана попладнево пристигна пратка од 192.000 вакцини против ковид-19 од кинеско производство, од договорените еден милион дози. Премиерот Еди Рама, кој пристигна со лет на „Ер Албанија” заедно со пратката, најави дека со турскиот дистрибутер се работи на отворање фабрика за производство на вакцини во Албанија.
– Пред да дадам објаснувања околу новите дози на вакцина, сакам со вас да споделам една многу добра вест. Почнавме разговори за да ја донесеме фабриката за вакцини, која во моментот е една од најголемите фармацевтски компании во светот, која, исто така, ја дистрибуира вакцината „Синовак“, а производител е на други фармацевтски производи, изјави Рама.
Најави дека во рок од 60 дена во Албанија ќе пристигнат многу повеќе вакцини и ќе започне масовна вакцинација на населението.
– За неполни 60 дена ќе имаме 1,2 милиони дози што ќе ни даде можност да ја прошириме вакцинацијата на целата територија и да започнеме поинтензивен процес на имунизација. Очекуваме да добиеме 70.000 од „Фајзер“, 80.000 од „АстраЗенека“ и уште 25.000 од „Спутник V“, кои заедно со 106.000 вакцини кои се во процедура со ЕУ, прават вкупно 871.000 вакцини, како и 500.000 од „Синовак“, наведе Рама.
Во Албанија до сега приситигнати се над 282.000 вакцини од „Фајзер“, од „АстраЗенека“, од „Спутник V“ и денешната од „Синовак“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа