Рокас: Камен темелникот на граничниот премин „Маркова Нога“ означува нова ера

 

Камен темелникот на граничниот премин „Маркова Нога“ кој утре ќе го поставиме со владини челници и градоначалникот на Ресен означува нова ера, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава, Михаил Рокас попладнево за време на посетата на локалната самоуправа во Ресен.

Во изјава за медиумите, амбасадорот Рокас истакна дека преспанскиот регион е од витално значење, и не само во Република Северна Македонија, туку и за цела Европа.

-Главниот настан ќе се случи утре кога заедно со градоначалникот и владините челници ќе го поставиме камен темелникот на граничниот премин „Маркова Нога“ и тој чин означува нова ера. Овој регион е од витално значење и не само во Република Северна Македонија туку и за цела Европа и затоа ние заеднички треба да направиме се за да го зачуваме преспанскиот регион. Сите проекти кои сме ги започнале со Општина Ресен се во процес на реализација и во таа смисла искажувам јавна пофалба за градоначалникот, општинскиот Совет и сите претходници за тесната и одлична соработка на општинската власт со Европската унија за реализацијата на сите проекти кои ќе помогнат за зачувувување на преспанскиот регион и се со цел да се промовира еко-туризмот, земјоделството, да се врши интензивна културна размена, односно да се прави од луѓето за луѓето во регионов што е поважно од било кога, истакна амбасадорот Рокас.

Освен со градоначалникот Јован Тозиевски, амбасадорот Рокас оствари средба и со општинските советници, кои како што рече амбасадорот Рокас презентирале повеќе иницијативи за развој на Преспа.

-Членовите на општинскиот совет го покренаа прашањето за визијата на Европската унија за преспанскиот регион и јас сметам дека за Европската унија е важна визијата на локалното население. За граѓаните што живеат во овој регион и за нас како Европска унија е важно да ги преточиме барањата и визијата на граѓаните во дела и активности, а со камен темелникот всушност се обезбедува почеток на тоа што ќе следи понатаму, нагласи амбасадорот Рокас.

На попладневната прес - конференција во Општина Ресен, градоначалникот Јован Тозиевски потсети дека локалната самоуправа реализира еден од најголемите европски проекти – „ЕУ за Преспа“.

- Ние имаме еден од најголемите европски проекти што се одвива и се реализира, а тоа е „ЕУ за Преспа“ кој е со буџет од 20 милиони евра и притоа ќе изградиме седум канализациони системи со прочистителни станици. Исто така имаме повици за проекти од културата, земјоделство, животна средина, туризам и други кои се надевам дека до крајот на годината ќе бидат со успешна реализација. Одржавме одличен работен состанок со амбасадорот Рокас и тоа  беше прекрасен вовед пред утрешниот ден, историски момент за нас бидејќи ќе поставиме камен темелник на познатиот граничен премин „Маркова Нога“ кој е од исклучителна важност за овој регион. Со овој чин очекуваме најголем економски и туристички бенефит од отворањето на граничниот премин, посочи градоначалникот Тозиевски.

11.03.2025 - 19:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега