Рокас во Велес: ЕУ ја засилува поддршката за клучни инфраструктурни проекти
Со поддршка од ЕУ фондовите, во Општина Велес, во изминатите неколку години се реализираа капитални проекти, меѓу кои и адаптација на поранешното градско кино во Европска куќа на млади. Со поддршка од ЕУ фондовите, изграден е и капиталниот проект за уредување на централното градско подрачје, преку изградба на прва пешачка зона, решавање на атмосферската канализација и уредување на улиците и сообраќајниците.
Воедно, како приоритетен проект кој наскоро ќе почне да се реализира со средства од ЕУ фондовите е капиталниот проект за изградба на Пречистителна станица на Вардар, а како втор проект ќе биде решавање на дивите депонии не само во Општина Велес, туку и во целата држава.
Евроамбасадорот Михалис Рокас при денешната посета на Општина Велес изрази задоволство што со поддршка на ЕУ се реализирани сите овие проекти. Тој на прес-конференцијата информираше дека се сретнал и разговарал со градоначалникот Марко Колев и членовите на општинскиот Совет, при што бил информиран за предизвиците и приоритетите коишто ги имаат.
-Сите се согласивме дека главните проблеми, како што се водоснабдувањето и третирањето на цврстиот комунален отпад, се прашања коишто треба да се адресираат и решат веднаш и во тој контекст и натаму ќе продолжи финансиската поддршка што ја дава ЕУ, најави евроамбасадорот Рокас.
Тој нагласи дека за решавање на овие прашања треба еден полистички пристап за да можеме да ги решаваме предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.
-За да може на крајот на денот да бидат видливи резултатите, финансиски средства кои се на располагање од страна на ЕУ, фондовите од страна на централната и локалната власт треба да се хармонизираат. Сето тоа со цел на крајот да се видат резултатите од реализираните проекти, а кои им се потребни на граѓаните, нагласи евроамбасадрот Рокас.
Тој им се заблагодари на граѓаните на Велес и градоначалникот Марко Колев кои учествува во хуманитарната трка за настраданите во Кочани што изминатата недела се одржа во Велес и уште шест градови меѓу кои и Скопје, а која ја поддржа Европската делегација во Скопје во соработка со Европските куќи на млади.
Рокас денеска се сретна со претставниците на Младинскиот совет на општината, а поладнево ќе ја посети Европската куќа на млади во центарот на градот и ќе се сретне со младите.
Градоначалникот Марко Колев искажа голема благодарност до делегацијата на ЕУ и до евроамбасадорот Михалис Рокас за поддршката што во изминатите неколку години и ја дава на Општина Велес.
Колев информира дека Општина Велес во изминатите две години интензивно работеше за обезбедување на техничка документација. Воедно, пред месец дена е издадено одобрението за градба за пречистителна станица на Вардар, а која ќе се гради со средства од ЕУ фондовите.
-Се надевам во наредниот период успешно ќе заврши постапката за избор и во наредните неколку години ќе го изградиме овој голем капитален проект за Општина Велес, најави Колев.
Колев информира дека со Рокас разговарале и за проблемот со регионалните диви депонии.
-Секој ден е важан, а секој ден за жал имаме се’ повеќе диви депонии, а се надеваме дека со поддршка на ЕУ фондовите наскоро ќе се реши овој проблем на ниво на целата држава, нагласи Колев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа