Русија бара Германија да ја признае опсадата на Ленинград како геноцид
Руското Министерство за надворешни работи побара Германија да ја признае опсадата на Ленинград во Втората светска војна не само како воено злосторство, туку и како геноцид.
Во нотата испратена до германското Министерство за надворешни работи се критикува Германија за нејзиниот „неконзистентен однос“ кон минатото.
Злосторствата на Германија од колонијалната ера се признаваат како геноцид, но злосторствата на нацистите против народите на Советскиот Сојуз во Втората светска војна не се признати.
Руската страна инсистира овие ѕверства на Третиот рајх да бидат официјално признати како геноцид, се наведува во дипломатската нота.
За време на речиси 900-дневната опсада на Ленинград (сега Санкт Петербург) од 1941 до 1944 година од страна на Вермахтот и неговите сојузници починаа 1,1 милион луѓе, а најголемиот број од нив починаа поради глад или премрзнување.
Опсадата на Ленинград беше ужасно воено злосторство на германскиот Вермахт против Ленинград и неговото население, соопшти германското Министерство за надворешни работи.
Во нотата на руското МНР повторно се критикува фактот дека Германија исплатила индивидуални компензации само на еврејските жртви на опсадата.
Германија го објаснува различниот третман на жртвите со фактот дека советските Евреи биле подложени на особено тежок прогон поради расната политика на нацистите.
Надоместокот за другите жртви беше покриен со воени репарации платени од Германија по 1945 година.
Како хуманитарен гест, германската Влада од 2019 година финансира социјална и медицинска помош за преживеаните од опсадата на Санкт Петербург.
Во новата дипломатска нота од Москва се истакнува дека сè уште се очекува хуманитарен гест сразмерен на настаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа