Руски опозиционер: Путин нема да го дочека следниот роденден, ќе го убијат инсајдери во Кремљ

 

Владимир Путин до октомври ќе биде убиен од инсајдери во Кремљ, тврди опозицискиот политичар во егзил.

Илја Пономарјев, единствениот пратеник во рускиот парламент кој гласаше против анексијата на Крим во 2014 година, верува дека намалената поддршка во Русија и стравувањата од потенцијално судење за воени злосторства може да значат дека деспотот ќе го убие неговиот потесен круг оваа година.

Пономарјев беше пратеник во Државната дума од 2007 до 2016 година, но сега живее во Украина, каде што го води новото движење наречено Прв конгрес на народни пратеници на Русија, за кое се надева дека Русија ќе ја трансформира во модерна демократија.

– Моќта на Путин лежи во неговата позиција на алфа мажјак, како личност која е непобедлива, 2022 година беше година кога таа позиција почна да слабее. Мојата прогноза и понатаму останува дека нема да го види следниот роденден – изјави Пономарјов за „Њузвик“.

Според него, најавата на Путин дека ги анектирал украинските територии кои Русија не може целосно да ги контролира, како и неуспесите како што е неуспешното заземање на Киев и повлекувањето од Херсон и Харков, може да го свртат неговиот внатрешен круг против него.

Тој додаде дека негов личен сон е да го види во Хаг.

– Но, не верувам дека ќе успеам. Неговата придружба нема да му дозволи да оди во Хаг бидејќи неговото сведочење може да биде многу штетно за нив. Ќе биде убиен – рече тој.

Американскиот амбасадор за глобална кривична правда Бет Ван Шак ја обвини Русија за „систематски“ воени злосторства во Украина за насочени напади врз цивили, употреба на силување како оружје, киднапирање деца и егзекуции.

Дејствијата на Москва би можеле да се окарактеризираат како „злосторства против човештвото“ на кои им се суди во Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

 

13.01.2023 - 18:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега