СДСМ: Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ - земјоделците се понижени

После една година Влада на Мицкоски хаосот во земјоделието е очигледен и сѐ поголем – власта на ВМРО-ДПМНЕ ги понижи и ги изневери македонските земјоделци, велат утрово од СДСМ.
Ги нема ветените загарантирани цени, нема сигурен откуп ниту повисоки субвенции. Напротив, укинати се програми, намалени се парите, а земјоделците се оставени сами на себе во време на тешки услови и криза.
Новата влада брутално го укина моделот за субвенционирање и исплата по учинок, што СДСМ го градеше три години за да обезбеди правична исплата, навремено и по реална продуктивност. Тоа беше модел кој создаваше сигурност – сега заменет со нејасни, партиски мотивирани политики.
Во лозарството – субвенциите се намалени. Тутунот се суши на нивите во Прилепско – нема откуп, нема грижа. Програмите за мали земјоделци, една од најуспешните мерки на СДСМ, се суспендирани. Над 20.000 земјоделци се директно оштетени од кратењето на мерките.
Ветуваа државна агенција за земјоделско земјиште – ветување кое избледе уште пред да почне. А најголемиот срам: за цела година не е објавен ниту еден оглас за распределба на државно земјоделско земјиште.
Дополнително, Министерството за земјоделство е претворено во партиска експозитура. Катастрофалното менаџирање резултира со масовно напуштање на вработените – 136 луѓе ја напуштиле институцијата во последната година.
Вака воденото земјоделство оди во амбис. Секој ден на оваа власт значи нов удар за македонските земјоделци, нова неправда и ново понижување, стои во соопштението на СДСМ.
23.06.2025 - 11:24
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа