Се испитуваат причините за смрт на маж пронајден во водите на Црна Река
Основното јавно обвинителство Кавадарци презема повеќе дејствија за испитување на причините за смртта на 64-годишен скопјанец кој на 16 декември беше пронајден починат во својот автомобил во водите на Црна Река, на територија на Општина Росоман.
Веднаш по настанот беше извршен увид на лице место, а при првичниот преглед на телото на починатиот не се констатирани видливи траги на насилство. Издадена е наредба за обдукција, а обдукцискиот наод се уште се изготвува и не е доставен до обвинителството. Освен тоа, наредени се и дополнителни лабораториски анализи.
Со цел испитување на настанот, надлежниот јавен обвинител издаде и барања до мобилни оператори за проверка на листинзи и податоци од базни станици за евентуална телефонска комуникација. Воедно, од АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ Тиквеш побарани се информации дали во временскиот период на настанот е вршено испуштање вода од браната на хидроелектраната и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација.
Врз основа на сите овие наоди и информации Основното јавно обвинителство Кавадарци целосно ќе го провери настанот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа