Шаќири: Обезбедени се над 18 милиони евра најголем буџет досега за капитални инвестиции, приоритет ни се крупните реформски процеси
„Приоритет ставам на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, да овозможиме континуитет и нивно целосно ефектуирање. Ќе ја издвојам промената во основното образование. Годинава имаме опфат на нови одделенија за кои се изработуваат наставни планови, програми и учебници кои мора да бидат подготвени и достапни пред 1 септември. Во меѓувреме ќе се посветиме на подобрување на образовната инфраструктура, не само во основното туку и во средното и високото образование. Мора да обезбедиме пристојни услови за настава за сите ученици и студенти. Обезбеден е убедливо најголем буџет досега за капитални инвестиции, над 18 милиони евра. Планираме изградба на 3-4 училишта, реконструкција на 118 училишни објекти, изградба на 10-ина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, како и да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК”, вели во интервју за Факултети.мк министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
За Шаќири, управувањето на ваков сектор, како што е образованието, не може да се сведе само на кабинетска работа, напротив, морате да излезете на терен, да се соочите и да разговарате со сите чинители во сферата преку зачестени посети по училиштата, редовна комуникација со училишните менаџменти и со самите општини, затоа што така и низ редовна комуникација најдобро се детектираат предизвиците на воспитно-образовниот процес, вели тој.
„Видов модерни, но и училишта каде што условите за настава се на долниот праг на скалата на квалитетот. Училишта чии капацитети се максимално искористени и имаат огромен број ученици и училишта кои се речиси празни, а продуцираат големи трошоци. Затоа пристапивме кон процес за оптимизирање на училишната мрежа, за да може порационално да се користат расположливите финансиски, материјални и човечки ресурси. Ни претстои и унапредување на законската регулатива, односно измени и усвојување на низа нови законски решенија за средното образование, за стручно образование и обука, за образование на возрасните, нов Закон за учебници и Закон за високо образование заради обезбедување повеќе права и можности на нашите граѓани во сферата на образованието”, истакнува Шаќири.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа