Шпанија и Јужна Кореја воведуваат мерки за луѓето кои доаѓаат од Кина

Брзо растечкиот број на случаи на коронавирус во Кина ги натера Шпанија и Јужна Кореја да се приклучат на земјите кои најавија дополнителни барања за патниците од Кина. Шпанската министерка за здравство Каролина Даријас изјави дека луѓето кои доаѓаат од Кина ќе мора да направат тест за коронавирус пред да влезат во земјата или да бидат целосно вакцинирани.

Даријас не наведе точен датум кога ќе бидат спроведени ограничувањата, само рече дека тоа ќе биде решено наскоро. Мадрид рече дека ќе се обиде што поскоро да дефинира заедничка политика за сите земји од ЕУ по ова прашање. Неколку земји, вклучувајќи ги Италија и Соединетите Држави, веќе воведоа или најавија ограничувања за влез.

Во петокот, Јужна Кореја соопшти дека ќе бара од патниците да покажат негативен ПЦР тест во рок од 24 часа по пристигнувањето во земјата од Кина, почнувајќи од понеделник. Од четврток, сите пристигнувања ќе бараат негативен тест за коронавирус пред поаѓање.

Јапонија најави дека ќе воведе слични ограничувања, a директните летови од Кина до четири главни јапонски аеродроми се ограничени.

Европската унија исто така размислува за дополнителни мерки. По состанокот за ова прашање во четвртокот, европската комесарка за здравство Стела Киријакидес ги повика земјите да ги разгледаат своите национални мерки за следење и повторно да ги зајакнат доколку е потребно, предупредувајќи на можни нови варијанти.

Кина во моментов се бори со брз пораст на случаите на коронавирус. Само во првите три недели од декември, 248 милиони луѓе во Кина биле заразени со вирусот, според непотврдени интерни проценки.

30.12.2022 - 19:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега