Што сѐ е познато за синоќешното двојно убиство во Старата скопска чаршија

 

Двајца убиени и еден ранет. Ова е епилогот од вчерашното пукање во Старата скопска чаршија. Повредениот е надвор од животна опасност и е пуштен на домашно лекување.

Истражните органи излегоа на терен, а во јавноста досега соопштија само првични информации за престрелката во угостителскиот објект.

Пукањето се случи околу 20 часот, а двајцата убиени починале на лице место. Пријавата во полиција стигнала во 20:11 часот. Двете жртви се со иницијали Ј.К. и Е.И., а ранетиот е А.Т.

Во објектот влегла маскирана вооружена група. Според неофицијални информации, кажале дека станува збор за полициска рација.

Според Јавното обвинителство,  неколку маскирани лица кои со огнено оружје влегле во барот и пукале кон двајцата убиени.

„Фиксирани се траги на самото место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“, рекоа доцна синоќа од Обвинителството.

Вооружената група веднаш по ликвидацијата избегала со автомобил „ауди“, кој потоа е пронајден запален во Шуто Оризари. Околу возилото синоќа имаше разногласие во медиумите бидејќи беа споменувани три локации во Скопје и околината каде наводно бил пронајден автомобилот кој групата го користела во акцијата.

Според неофицијални информации, ликвидираните се добро познати личности од скопското подземје, членови на криминална група од скопското село Грчец. Двајцата наводно се наоѓале на вториот кат од угостителскиот објект.

Јетон Кривањева, еден од жртвите и претходно бил мета на сличен напад. Како што пишуваат дел од медиумите, тој бил дел од групата кон која се пукаше во вооружениот напад во хотелот „Александар Палас“ во 2019 година.

За третиот ранет, пак, доцна синоќа информации соопштија од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ (старата Градска болница). Според изјавата оттаму, тој со приватно возило бил донесен во болницата во 20:15 часот и имал две рани. Едната, помала, на левото стапало, додека поголема имал на десната потколеница. Раните му биле обработени, направени биле потребните снимања и преврски, поставена му е имобилизација, по што е пуштен на домашно лекување.

07.03.2023 - 09:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега