Скандал „електронска цигара“: Извршен вонреден инспекциски надзор во велешката градинка – надлежните уверуваат дека негувателката е суспендирана, Колев се сомнева

 

Детска градинка „Димче Мирчев“ Велес

Вонреден инспекциски надзор ја тресе велешката градинка „Димче Мирчев“ потврдија од Министерството за труд и социјална политика за „Прес24“, откако во јавноста произлезе информацијата дека негувателка нудела електронска цигара на децата во општинската јавна установа. Директорката на градинката Маја Велиновска ја суспендирала негувателката, а започната е и дисциплинска постапка, која ќе ја утврдува одговорноста на вработената.

„Министерството за труд и социјала политика Ве известува дека веднаш по дознавањето на случајот испрати вонреден инспекциски надзор. Од надзорот е констатирано дека од страна на директорката на Јавната установа „Димче Мирчев“, Општина Велес, на ден 3.10 2023 година е донесен Налог за отстранување на работник од работа, согласно Законот за работни односи, со кој вработената се отстранува од работа во установата односно се суспендира. Истовремено, започната е постапка против вработената негователка за утврдување на дисциплинска одговорност, којашто ќе ја утврди одговорноста на вработената, согласно Законот за заштита на децата“, изјавија од МТСП за „Прес24“.

Негувателката ќе добие отказ од работното место доколку биде утврдена одговорност, кажа во телефонски разговор за нашиот портал директорката на градинката.

Директорка на ОЈУГД „Димче Мирчев“, Маја Велиновска 

Во меѓувреме, додека Велиновска и надлежните институции тврдат дека вработената е привремено отстранета од работното место, во јавноста се појави дилема дали тоа навистина се случило. Градоначалникот на Велес вчера јавно го осуди настанот, но повикувајќи се на свои сознанија и на информации од родители на децата, кажа дека таа не била суспендирана, туку префрлена во друг клон од градинката во село Караслари.

Денеска Колев за „Прес24“ вели дека најдобро знаеле од внатре во градинката дали навистина е суспендирана или не, или пак е реагирано по јавната осуда.  

„Како што веќе напоменав, ингеренциите на градоначалникот и Советот се одземени, и немам никаков контакт со службите таму, така што сите информации кои ги добивам се од загрижени родители, граѓани и други засегнати лица. Така и во овој случај, информациите кои пристигнаа до мене се дека наместо целосно повлекување на воспитувачката од контакт со децата се до покренување на постапка и разрешување на случајот, таа е само преместена во друг клон на истата градинка, каде повторно има директно влијание врз згрижените деца. Дали е навистина суспендирана или не, или пак е реагирано по јавната осуда со цел повторно прикривање на стореното, најдобро знаат лица од внатре во градинката“, изјави Колев.

Марко Колев, градоначалник на Општина Велес

Освен што го осуди настанот, градоначалникот на Велес бара од МТСП да ги врати ингеренциите за градинката на Општината и Советот. 

„Во овој случај се што можам е да повикам јавно, а ќе се обратам и писмено до надлежните органи да покренат соодветни постапки за преземање на одговорност како од воспитувачката, така и од највисокото раководство на установата кои и самите би требало да си поднесат оставки за лошото менаџирање, со цел зачувување на здравјето и безбедноста на децата. Исто така апелирам за враќање на ингеренциите бидејќи само локална самоупрова може одблиску да следи што се случува во некоја локална установа“, изјави Колев за „Прес24“.

За потсетување, овој настан се случил во занимална на градинката „Маргаритки“ во Дворови, во Велес минатиот петок, кога дел од групата деца на возраст од пет години дошле во допир со електронска цигара на негувателка во ОЈУДГ „Димче Мирчев“.

Габриела Лескова

04.10.2023 - 16:42
Фото: 
Фејсбук

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега